Аналитичари за острите тонови меѓу Скопје и Софија: „Наше е да се обидеме да промениме на подобро, иако од Бугарија не се очекува никаква конструктивност“

од Nikola Popovski
802 прегледи

Нови препирки и остри тонови на релација Скопје-Софија откако Македонија доби нов премиер и влада. Последните пораки на Христијан Мицкоски не останаа незабележани од бугарските власти. Софија е против повторно преговарање за францускиот предлог од кој произлезе Преговарачката рамка со ЕУ. Претседателот Румен Радев очекува итни, конкретни дејствија и од Владата и од европските институции за почитување на принципите и нормите во процесот на проширување. Вели дека конечно паднале маските. По ставот на Мицкоски дека не прифаќа уставни измени под бугарски диктат, со реакција и лидерот на ГЕРБ и победник на изборите во Бугарија, Бојко Борисов. Порачува дека и покрај добрите односи меѓу него и партнерите во ЕУ, договорите мора да се почитуваат, додавајќи дека какви било поинакви толкувања не се добри за колегите од Северна Македонија. Борисов нагласи дека и доколку формира Влада, ќе иницира средба со Мицкоски.

Дали може да се репреговара Преговарачката рамка? 

Дел од јавноста смета дека политиката секогаш нуди опција за нови преговори, но тоа не значи дека истите ќе одат во наша полза. Политикологот Иво Ранѓеловиќ смета дека и Софија и Скопје треба да гледаат на договорот како основа за взаемна соработка и помирување, а не да ги мерат на вага политичките победи од точките.

Иво Ранѓеловиќ

-Во тој контекст, мислам дека новата влада во Македонија нема да ја прифати „реалноста“ на Договорот за добрососедство, како што тоа го направи со Договорот од Преспа, дури и по цена на промена на Уставот (внесување на бугарското малцинство). Исто така, не сум убеден дека моменталниот контекст ќе ѝ дозволи на меѓународната заедница да го блокира патот на Македонија кон ЕУ во име на Договорот за добрососедство, а при евентуално спроведување на уставните измени и релативно почитување на Договорот од Преспа, вели Ранѓеловиќ во разговор за „Локално“.

На прашањето дали евентуалната нова влада на Борисов може да промени нешто, политикологот објаснува дека потенцијалната промена на Уставот ќе биде прокламирана како огромна политичка победа од страна на Борисов, а всушност е стратешки најголемиот пораз за бугарското гледиште кон македонскиот народ (ќе се створи диференцијала помеѓу двата народи).

-Мислам дека тоа е цената што македонската влада е спремна да ја плати, но за возврат да не го спроведува/почитува Договорот за добрососедство. Од Бугарија не очекувам никаква конструктивност бидејќи нивната политика кон Македонија е унифицирана помеѓу сите политички актери и само преседан (притисок од ЕУ) би можел да ја промени, дециден е Ранѓеловиќ.

Повторно се отвори и фронтот со Атина, но и од ЕУ доаѓаат пораки за почитување на обврските. Околу тоа дали застана цела Европа против Мицкоски, како што велат од нашиот јужен сосед, соговорникот истакнува Европа е исправена пред предизвикот да се соочи со сопствената судбина и да ја задржи својата суштина, особено по налетот на десницата.

-Како продолжена рака на тоа се и заложбите околу единствен став кон владата во Македонија да го почитува на договорот од Преспа. Но, верувајте дека доколку контекстот го промени интересот на ЕУ, преку ноќ може да се смени било кој договор, во било која конотација. Ако на ова го надодадеме се посилното влијание на Кина и Русија во регионот, неизвесноста станува се поголема, но и веројатноста Македонија и регионот да влезат во ЕУ низ политички преседан наместо интеграција, анализира Ранѓеловиќ.

Со слично видување за Преговарачката рамка е и политичкиот аналитичар Александар Ристевски, иако посочува дека сите опции се отворени. Вели дека генерално рамката е таа, но, не треба да се заборави дека Бугарија има и пресуди на Европски суд кои не ги почитува.

Александар Ристевски

-Земја членка на ЕУ која оспорува малцински права и негира идентитет. Мислам дека ќе се најде некое суптилно соломонско решение. Борисов има многу малку веќе 3-4 години. И тој е во позиција да мора да прави отстапки и компромиси. Реално, тој не е миленик на Европа, но е сепак клучен играч во бугарската политика и фактор за политичка стабилност. Премногу се големи разликите меѓу другите за да можат да функционираат. Ќе видиме. Наше е да се обидеме да промениме на подобро било што. Гаранции, рокови, некаков реципроцитет… било што, наведува Ристевски во разговор за „Локално“.

Околу констатацијата на Грција, соговорникот вели дека нема впечаток дека „цела Европа“ е против нас. Потсетува дека тој што не ги почитува обврските е токму Грција.

-Ние завршвме се‘, дури и пред време. Зборот „македонски/а“ нели не беше проблем, па го отгрнавме од десетици институции. Грција ги нема поминато во парламентот протоколите, не менува табли, и на крајот на краиштата, зошто ние би се викале „Северна Македонија“ и би го користеле името, кога тие не го користат и не викаат „Скопиа“, „ФИРОМ“, северен сосед или како и да е? Македонските политичари и новата гарнитура, разбирливо покажуваат пркос, кој е правичен и разбирлив, но е и волја на мнозинството од народот. И е своевидна форма за прераслределување на силите. Османи, Ковачевски, Димитров и Заев не ставија во толку одредена позиција, што сега ни останува само да се обидеме да се извлечеме колку толку, дециден е аналитичарот.

Христијан Мицкоски со Бојко Борисов

Ваквите пораки од источниот сосед се анахрони, реагираше денеска премиерот Мицкоски. Вели дека претпочита почитување на договорите, но предупредува дека тоа е двонасочна улица.

-Мислев дека ваквите пораки се дел од Средниот век, но за жал во современа Европа, постоеле вакви политичари. Подготвен сум да седнам и да разговарам и со двајцата. Посакувам господинот Борисов да ја формира следната влада и сакам источниот сосед да има премиер кој доаѓа од истото семејство. Поминаа времињата кога кај нас имаше политичари кои беа сервилни и коленичеа, а од друга страна, во името на европското знаме, го ограбуваа народот и ја засрамуваа татковината. Треба да се навикнат на политичари кои работат деноноќно за доброто на државата и политичари кои немаат намера да виткаат кичма и да прифаќаат се и сешто што им е на маса. Јас сум за тоа да се почитуваат договорите и да се градат пријателство со соседите, да се градат мостови, но истовремено и да се почитуваме. Не е добрососедство ако едната страна е понижена, а другата ликува. Дали Мицкоски признава дека има бугарско малцинство во Македонија – да, ние како држава уште од раните 40-тите години на минатиот век, признаваме малцинства и не го оспоруваме правото. Но, ајде да видиме што се случувало во историјата кај нашиот источен сосед. Ако ги видите пописите од раните 50-ти години, ќе видите дека неколку стотици илјади граѓани кај нашиот источен сосед се декларираат како Македонци, рече Мицкоски од Драчево, одговарајќи на новинарски прашања.

По изборот на новата претседателка и Владата, Брисел со предупредување дека Договорот од Преспа мора да се почитува и измените во Уставот, со кои се предвидува вклучување на Бугарите, се неопходни за земјата да продолжи на патот кон Европската унија.

Н.П.

Слични содржини