Агелер се сретна со Муцунски и Меџити: Разговарале за континуитетот во стратешката соработка и полноправното членство во ЕУ

од Илинка Илиоска
90 прегледи

Шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски, и министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска одржаа работни состаноци со амбасадорката на САД во Северна Македонија, Анџела Агелер.

На состанокот во Министерството за надворешни работи, министерот Муцунски ја потврди стратешката определба на Владата за спроведување на реформските заложби, насочени кон забрзување на евроинтегративниот процес. Тој истакна дека САД ја поддржуваат Северна Македонија во унапредувањето на демократскиот развој и засилувањето на борбата против криминалот и корупцијата. Муцунски на својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук објави дека посветеноста за понатамошно развивање на билатералните односи и соработката со САД е потврдена.

Во исто време, министерот Меџити на својата средба со амбасадорката Агелер нагласи дека евроатлантската определба и полноправното членство во Европската Унија остануваат врвен приоритет. Тој изрази благодарност за континуираната поддршка од САД во реформите на институциите и зацврстувањето на демократските капацитети во државата. Меџити истакна дека Владата останува посветена на борбата против политичката корупција и реформите во правосудниот систем, за да се обезбеди неселективна и праведна испорака на правдата.

Двете страни се согласија дека политичкиот легитимитет на новата Влада е затворено прашање и дека периодот што претстои ќе биде искористен за успешна транзиција и консолидирање на институциите во државата. Меџити ја информираше амбасадорката Агелер за приоритетите на Министерството за животна средина, вклучувајќи ја и борбата против загадувачите на амбиенталниот воздух и развојот на обновливи извори на енергија.

„Остануваме сигурен гарант дека Република Северна Македонија ќе остане на стратешкиот курс,“ истакна Меџити, додавајќи дека високо се ценат сите досегашни инвестиции од САД, како економски, така и во насока на подигање на капацитетите на институциите и општествениот демократски развој.

Слични содржини