Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски остварил повеќе билатерални средби со високи американски претставници во Вашингтон.
Вчера заедно со делегацијата од Владата, како и претседателот на Собранието Африм Гаши остварил средба со конгресмените Пит Сешнс, Роберт Адерхолт, Џо Вилсон, Џон Муленар, како и со Џејмс Џонс поранешен советник за национална безбедност на Барак Обама.
На средбата од двете страни биле потенцирани добрите билатерални односи со Соединетите Американски Држави.
-Се разговараше за можноста за искористување на економските потенцијали и политичка поддршка во остварување на стратешките интереси на државата. Се влегува во инвестициски циклус за сериозни капитални проекти во инфраструктурата, енергетиката и повеќе други полиња, истакна Мицкоски.
Воедно беше посочено дека една од главните цели претставува борбата против организираниот криминал и корупција. Од страна на конгресмените беше изразена силна поддршка, како силен пријател и сојузник на САД, соопштија од Владата.