Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески го оценува како „лудило“ вчерашното соопштение на Градот Скопје и нивното барање за набавка на нови еко-автобуси.
-Очигледно уште еднаш треба да се цитира дефиницијата за лудило што му се припишува на големиот Ајнштајн: Тоа е кога одново и одново правите една иста работа, а очекувате различен резултат, истакнува Славески на социјалната мрежа „Х“.
Славески замерува што градската администрација ги обвинува советниците од коалицијата „За подобра Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, за негласање на предлог-Одлуката за нови автобуси, без да наведат, како што вели претседавачот, дека во континуитет од 45 советници овој предлог до сега не обезбедил поддршка од повеќе од 6-7 членови на Советот.
За да се прифати некој предлог за изменување и дополнување на дневниот ред, истакнува Славески, е потребно позитивно да се изјаснат мнозинство од присутните советници во салата.
-При гласањето овој предлог доби поддршка од само 7 членови на Совет на град Скопје. Некаде во втората половина од минатата година Арсовска најави дека во буџетот на град Скопје за 2024 година ќе предложи одредена ставка за набавка на нови автобуси за ЈСП -Скопје. Таков предлог изостана. Убеден сум дека членовите на Совет ќе дадеа поддршка за набавка на автобуси со средства од буџетот, стои во објавата на екс-министерот.
Според градската администрација, на 16 јули 2024 година ќе се одржи нова Седница на Советот на градот, на која, како што велат, по 21 пат е доставена предлог одлука за нови еколошки автобуси до советниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои повеќе од две години не гласаат за нови автобуси иако имаат мнозинство во Советот на Град Скопје.
-Бидејќи согласно закон градоначалник не може да донесе одлука за набавка на нови автобуси, единствена одговорност по повеќе од две години за недостатокот на автобуси во јавниот превоз имаат советниците од ВМРО-ДПМНЕ, од кои како власт и мнозинство во Град Скопје, зависи дали ќе има нови наместо дотрајани еко автобуси и подобар превоз.
Со цел советниците од ВМРО ДПМНЕ да немаат оправдание за неносење на одлуката за нови еколошки автобуси, Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска континуирано им предлага да го контролираат целосно процесот односно и банката која ќе го финансира проектот, како и условите за набавка на еко автобуси да ги изберат самите советници во рамки на Советот, бидејќи оваа одлука единствено тие можат да ја донесат.
Како очигледна демонстрација на сила и самоволие, спротивно на деловникот и статутот Претседателот на Совет Трајко Славески ниту на седница на Советот закажан за 19.06.2024 година не ја стави точката за нови автобуси на дневен ред за гласање. Иако поради недостаток на автобуси и дефекти скопјани чекаат на автобуските станици, за нови автобуси ВМРО ДПМНЕ не гласа иако ги имаат ветено пред граѓаните на локалните избори во 2021, велат од Кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска преку соопштение.
Оттаму потсетуваат дека претседателот на ВМРО ДПМНЕ и актуелен премиер, Христијан Мицкоски и лично ги ветуваше новите еко автобуси за скопјани, за кои дури најави и дека преговара со компанија за набавка на 100 електрични автобуси, но до сега повеќе од 2,5 години тоа ветување не се реализира, како ни неговото ветување за вкупно 250 нови автобуси од програмата за Скопје која континуирано изјавува дека лично ја поддржува.
Поради неисправен автобус воланот ми закочи, жал ми е патниците што мора да се возат во вакви автобуси. Ова со солзи во очите и со растреперен глас го изјави возачот, Ферзи Арифи по инцидентот кој се случи на линијата број 2, кога автобусот излета од патот и се качи на жардиниерата кај ТЦ „Мавровка“.
„Цел живот сум во ЈСП, тука и низ скопските улици ми побеле косата. На трасата од линијата 2 ја знам секоја дупка и не е можно да ми се случи вакво нешто. Воланот ми закочи, жал ми е патниците што мора да се возат во вакви неисправни автобуси“, рече Ферзи Арифи – возач на ЈСП Скопје.
И синдикатите алармираат дека за инцидентот е виновно раководството на ЈСП кое не ги сервисира автобусите и со тоа ги доведува во опасност и вработените и патниците.
„Инцидентот се случил бидејќи бил неисправен воланот, односно во тој момент се закочил и благодарение на присебноста и искуството на возачот не дојде до поголема несреќа. За овој автобус како и за други се пријавувало дека се неисправни, но не се сервисираат. Замислете, овој автобус пред неколку дена возел до Водно“, рече Марјан Ристески – претседател на КСОМ.
На прес-конференцијата се појави новиот директор на ЈСП кој е на функција една недела, и рече се работи по пропис.
Вработените во ЈСП реагираат дека постојано пријавуваат дефекти, но автобусите другиот ден повторно се пуштаат во сообраќај и се даваат на други возачи.
Во вчерашниот инцидент покрај возачот на 2-ка, беше повредена и една жена.