Русија ќе преземе мерки против Црна Гора поради забраната за медиуми

од Nikola Popovski
85 прегледи

Русија ќе преземе соодветни мерки против Црна Гора, која од 10 јули забрани емитување на голем број руски медиуми, изјавила портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

-Сметаме дека уште еден напад на црногорската влада е непријателски чин на отворена цензура, дизајниран од една страна да даде изглед на легитимитет на најгрубото кршење на медиумските слободи, а од друга страна да ја добие наклонетоста на Брисел со надеж на ветениот напредок на европскиот пат, рекла Захарова, пренесува агенцијата „Тасс“.

За да ја задоволат русофобната трансатлантска агенда, додала таа, тие се подготвени да ја продолжат политиката на поткопување на демократските основи на нивното општество и држава и да им го ускратат правото на своите граѓани на пристап до информации.

На веб-страницата на руското Министерство за надворешни работи, се наведува дека Агенцијата за електронски медиуми на Црна Гора им наредила на надлежните сектори и локалните телекомуникациски компании „целосно да го прекинат емитувањето на руските медиуми најдоцна до 10 јули“.

Станува збор за 20 руски медиумски оператори, меѓу кои „Прв канал“, „Русија 1“, „РТ“, „Спутник“, „НТВ“, „РЕН ТВ“ и други.

Захарова изјавила дека оваа одлука подразбира забрана за сателитско и кабелско емитување на нивната содржина, како и на сите други средства за дистрибуција, вклучително и Интернетот.

Според неа, тоа е обид за ретроактивно правно официјализирање на ситуацијата настаната на почетокот на 2022 година.

-Тогаш црногорските власти без предупредување ги блокираа сите руски радиодифузери достапни во земјата и целосно го исчистија информативниот простор од нивното присуство, посочила Захарова.

Таа додала дека сега официјален изговор за воведување на забраната, која неофицијално важеше подолго време, е приклучувањето на Подгорица кон санкциите што Европската унија ги воведе кон руските медиуми.

Слични содржини