Мицотакис: Прекршувањето на Договорот од Преспа ја загрозува безбедноста на Западен Балкан

од Nikola Popovski
280 прегледи

Напредокот, безбедноста и просперитетот се засноваат на почитување на меѓународното право и меѓународните договори, рекол премиерот Киријакос Мицотакис на првиот дел од состанокот на НАТО, испраќајќи порака до новото политичко раководство во Македонија, пренесуваат грчките медиуми.

Осврнувајќи се на американскиот претседател Џо Бајден, кој го подвлекол значењето на Западен Балкан за безбедноста на Алијансата, Киријакос Мицотакис посебно го покренал прашањето за Договорот од Преспа, кој, како што истакнал, овозможи проширување на Алијансата со пристапувањето на Северна Македонија.

Целосното спроведување на Договорот од Преспа, навел грчкиот премиер, е од суштинско значење за Алијансата, за Западен Балкан и за меѓународната заедница.

Прекршувањето или селективното спроведување на Договорот, додал Мицотакис, ќе го поткопа кредибилитетот на сите напори за решавање на другите отворени прашања во Западен Балкан и ќе ја загрози стабилноста и безбедноста во регионот.

„Pacta sunt servanda. Сите мора да го запомниме ова“, нагласил тој.

Во исто време, во медиумите во Грција, актуелна е изјавата на премиерот Христијан Мицкоски поради тоа што го употреби терминот „Македонија“, а неговата влада – македонска влада.

-За нас како малоброен народ е важно на овој собир да ги донесеме најзначајните одлуки кои што ќе моделираат иднината на човештвото во следните декади, за што и ние ќе го дадеме својот придонес, порача вчера премиерот Мицкоски во изјавата пред почетокот на работниот дел од вториот ден на Самитот на НАТО во Вашингтон.

-Како држава сме подготвени да го додадеме својот придонес на сето она што претставува вредност. Тука сме заедно со нашите сојузници за да ја потврдиме нашата посветеност, како и досега, така и во иднина, дека ќе го промовираме мирот, стабилноста и владеењето на меѓународното право, истакна Мицкоски.

Засега не е предвидена средба меѓу Мицкоски и Мицотакис.

Слични содржини