Гаши: Геноцидот во Сребреница има автор со намера за истребување и уништување

од Nikola Popovski
445 прегледи

Годинава се собравме да го одбележиме грозоморниот настан кој секојдневно нѐ потсетува на кревкоста, но и на непроценливата вредност на мирот, на владеењето на правото, на соживотот, на демократијата и на почитувањето на човековите права. Особено на основното човеково право на живот, што злосторнички беше прекршено летото 1995 година, кога за само неколку дена згаснаа илјадници животи и илјадници семејства беа завиени во црно, истакна претседателот на Собранието, Африм Гаши, на одбележувањето на Денот на сеќавањето на геноцидот во Сребреница во Собранието.

Според него, мирот, владеењето на правото, соживотот, демократијата и почитувањето на човековите права се круцијални вредности што треба да ги чуваат, негуваат и надградуваат сите цивилизирани и демократски општества, во ерата на глобализацијата, кога од нашето поблиско, но и подалечно опкружување, се уште стигнуваат вознемирувачки вести за воени судири.

-Од името на пратениците во Собранието и од мое лично име изразувам искрено сочувство за жртвите на геноцидот во Сребреница до членовите на нивните семејства, до  граѓаните и институциите на Босна и Херцеговина и до нашите сограѓани Бошњаци.

Геноцидот во Сребреница од пред 29 години се уште е свеж во колективната меморија, особено меѓу граѓаните на овие простори.  Во јули 1995 година, за само неколку дена, беа убиени над осум илјади Бошњаци, од полугодишна до 90-годишна возраст, во едно од најголемите злосторства на територијата на Европа по Втората светска војна.  Илјадници семејства останаа без синови, татковци, браќа, сестри, мајки…

Илјадници мајки од Сребреница, по војната, се вратија во своите празни и разрушени домови, за да бидат блиску до гробовите на своите најблиски, додека по илјадници жртви на геноцидот се уште се трага по масовните секундарни или терцијарни гробници низ разни предели на тој регион.

Затоа не треба да бегаме од тоа овој трагичен чин на масовно крвопролевање да го наречеме со вистинското име – геноцид. А геноцидот не е настан што се случува спонтано и што настанува сам по себе. Тој има автор, тоа е планирана и организирана акција, со намера на истребување и уништување на другиот, во овој случај на Бошњаците од Босна и Херцеговина, порача Гаши.

Тоа беше причина и Северна Македонија, додаде тој, заедно со повеќето земји  во светската организација, неодамна застана зад Резолуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации со која се осудува негирањето на геноцидот и величење на воените злосторници и со која 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.

Слични содржини