Поранешниот НБА играч, Енес Кантер Фридом ја прогласи суперѕвездата на ЛА Лејкерс Леброн Џејмс за диктатор во НБА. Според контроверзниот играч, кој е надвор од лигата веќе две години, Џејмс ги контролира медиумите и им кажува што да напишат, а исто така изјавил дека секој соиграч кој ќе тргне против него за нешто, е префрлен во друг тим.
„Брони можеби е добро дете, но не е доволно добар за да игра во НБА. Причината поради која е драфтуван е поради Леброн. Причината поради која Џеј Џеј Редик е тренер на Л.А. Лејкерс е поради Леброн. Никој не сака да игра покрај Леброн. Кога сезоната на Лејкерс оди надолу, Леброн се обидува да обвини еден од своите соиграчи. Тој го обвинуваше Расел Вестбрук за неуспесите на неговиот тим цела сезона. Очигледно е дека на медиумите им кажува што да пишуваат и се обидува да ги контролира. Никој не сака да игра со него. Леброн е диктатор. Ако сте против неговите принципи, вие сте префрлени во друг тим. Сите го знаат тоа“, изјави Кантер за Outkick.
Турчинот со американски пасош мина една деценија во НБА, а во најсилната лига на светот во регуларниот дел учествуваше на 748 натпревари на кои реализираше 11,2 поени и 7,8 скока. Кантер во својата кариера настапуваше за Јута, Оклахома, Њујорк, Портланд и Бостон. Последен пат беше дел од Хјустон Рокетс во 2022 година, но Рокетс го ослободија без да одигра ниту еден натпревар за нив.
Низ годините Кантер стана познат по критиките и навредите кон турскиот претседател Реџеп Ердоган, а поради своите ставови, турските власти го сметаат за терорист. Во интервју минатата година, тој призна дека бил на списокот на Интерпол и дека морал да се пријавува во ФБИ секој пат кога ќе ги напушта САД за да се увери дека нема да има никакви последици кога патува некаде.