Сите луѓе кои што имаат викендички и куќи во напуштени села, итно да отидат и да ја искосат тревата во нивните дворови, апелира Стојанче Ангелов, директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК), во вечерашното гостување во „Топ тема“ на Телевизија Телма.
„Да изораат, да имаат противпожарна пресека. Нека имаат три-четири-пет метри изорана површина. Доколку гори шумата, да не може да влезе во дворот. Минатата година бев сведок, особено во кумановскиот регион, во кратовскиот и во паланечкиот, како што гори тревата, од шумата влегува во тревата и доаѓа до ѕидот на викендичката. Тоа не смеат да го дозволат. Самите граѓани се невнимателни“, рече Ангелов.
Тој во вечерашното гостување во „Топ тема“ на ТВ Телма посочи дека ако системот би бил централизиран, според него, многу проблеми ќе се надминат.
– Градоначалниците се добри луѓе, но тие имаат различни професии. Јас не очекувам од нив да ја познаваат оваа проблематика. Оваа е сложена проблематика. Системот да бил централизиран, а не децентрализиран како сега. Кога би имало централна команда, ние ќе надминеме многу проблеми. Кога почнува да гори некаде, прво што треба да направи градоначалникот е да излезе со сите свои ресурси. Прво треба да излезат „Национални шуми“ доколку пожарот е во шума, потоа излегуваат пожарникарите, излегуваат јавните комунални претпријатија, вработени во општината ќе земат противпожарни метли ќе мавтат и ќе гасат со нив. Дури потоа треба да побара помош од соседните општини. Кога сме кај соседните општини, градоначалниците тоа го прават или доцна или не го прават. Кога би имало централна команда, гледаме голем пожар, наместо 15 или 20 пожарникари колку што има општината, со една команда може да се испратат 60 пожарникари. Така функционира Армијата и полицијата. Сметам дека како мала држава дека подобро ќе функционираме. Односно би можело да биде комбиниран метод командата да биде централизирана, а ресурсите нека бидат децентрализирани бидејќи општините нема да сакаат да се откажат од овие пари, рече Ангелов.
Директорот на ЦУК истакна дека државата моментално располага три „ер трактори“ на ДЗС, два хеликоптери на Армијата и три хеликоптери на МВР.
-Ние имаме три „ер трактори“ на ДЗС и сите се функционални и два хеликоптери на Армијата, но тие се тешки за операција бидејќи се стари и не се во најдобра форма и нив ги употребуваме во не дај Боже ситуации оти тие може да се срушат некаде. Имаме два армиски хеликоптери кои имаат одреден лимит кои летаат до 10:30 часот наутро и не можат да летаат подоцна. Три хеликоптери на МВР, рече тој.
Ангелов за прописите за гаснење пожари од воздух нагласи „немам волшебен џојстик во раце да ги управувам авионите и хеликоптерите“.
-Големиот романски противпожарен авион „Спартан“ денеска за првпат дејствуваше кај Солунска Глава и во неколку наврати фрли водни бомби од пет тони. Таму можевме да го искористиме тој романски авион, бидејќи немаше сили. Станува збор за место на 2.000 метри надморска височина, немаше луѓе на земјата. Инаку е ризично фрлањето на тие водни бомби, доколку погодат човек на земја, може да го убијат. Многу сме внимателни. Кога реагираат градоначалниците, ние многу добро знаеме зошто, кога и каде го праќаме кое летало, бидејќи сите имаат техничко-тактички ограничувања. На пример, за „Ер тракторите“ мора да има човек на земја кој што ги наведува. Доколку нема човек на земја, тие не гаснат. Комуникацијата со нив ја остварува човек од земја. Јас немам волшебен џојстик во рака да ги управувам авионите и хеликоптерите, појасни Ангелов.
Според него, имаме рана детекција и брз одговор за сите пожари.
-Истиот терен кој ни дозволува од далеку да ги видиме пожарите, нè спречува успешно да ги гаснеме. Кога би биле рамнинска држава, рамнинска земја, се би било многу поедноставно. Има правила, прописи за гаснењето на пожари од воздух, додава Ангелов, појаснувајќи дека воздухопловството има строги прописи.