ВМРО-ДПМНЕ: Според катастарските снимки во моментот кога Петровска вели дека го продала земјиштето, таму била изградена луксузната хациенда

од Nikola Popovski
606 прегледи

Продолжуваат обвинувањата на релација Славјанка Петровска-ВМРО-ДПМНЕ околу наводната хациенда на екс-министерката и актуелна пратеничка. Од владеачката партија утрово соопштија дека, според катастарските снимки во моментот кога Петровска вели дека го продала земјиштето, таму била изградена луксузната хациенда.

Од партијата на Христијан Мицкоски бараат Петровска да каже дали луксузната хациенда е уште нејзина или ги крие парите од продажба.

-Славјанка Петровска да не се крие зад пратеничкиот мандат и да каже дали ја крие хациендата на друго лице или ги сокрила парите од купопродажбата. ДКСК да не чека и да отвори случај, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Петровска тврди дека во ВМРО-ДПМНЕ фатени во злоупотреби, „решија вниманието да го свртат со една голема лага, за наводната моја  хациенда и разни теории за можни продажби и слично“.

-Веќе видено сценарио. Истите овие обвинувања беа изнесени на прес конференцијата на пратеникот и тогашен и сегашен на ДПМНЕ, Драган Ковачки, против кого поднесов тужба за клевета. И иако бегаше од рочиштата и се обидуваше на секаков можен начин да ги одолговлекува, сепак правдата го стигна и судот пресуди дека лажел и ја манипулирал јавноста со цел да наштети на мојот углед, порача вчера пратеничката преку соопштение до јавноста.

Екс-министерката уште во март годинава објави дека ја доби тужбата за клевета против пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ. Судот досудил и да ѝ се исплатат 610.000 евра, надомест од кој Петровска се откажала.

Слични содржини