Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, коментирајќи го апсењето на инженерите кои обелодениле доверливи податоци од ваљевскиот холдинг „Крушик“, рече дека ова трае многу долго и дека се спроведува од сите страни.
-Ова трае долго време, го прават од сите страни. Го следиме долго време. Точно знаеме за кого станува збор, преку кого тоа одело и кој бил и кој требало да биде крајниот корисник. Северна Македонија е проточен бојлер, точно е едно од тие лица, но е проточен бојлер кон некои други служби во регионот, изјавил Вучиќ за српските медиуми.
За потсетување, во акцијата на српската Безбедносно-информативната агенција, ВБА, МВР и Вишото јавно обвинителство во Ваљево, разбиена е шпионска група, поради постоење основи за сомнение дека сториле кривично дело шпионажа затоа што во текот на 2024 година континуирано контактирале со државјани на Северна Македонија, вработени во компанијата „АТС груп“, на чело со Шевкет Демировски.
Тројцата приведени инженери биле ангажирани во оваа акција со која е нанесена голема штета на државната и воената безбедност на Србија, велат тамошните медиуми.
Третоосомничениот Д.Л., признал дека соработувал со фирмата „АТС груп“ од Македонија, која произведува оружје и воена опрема, при што му е врачено решение за полициски притвор. Според сознанијата, докази за индустриска шпионажа се пронајдени на повеќе лаптопи, USB-стикови и телефони.
Демировски беше уапсен на 11 ноември 2019 година во акција на БИА, ВБА и Вишото јавно обвинителство во Белград, заедно со пензиониран инженер во „Први партизан“ од Ужице и уште двајца инженери во таа фирма, поради сомневања дека како сопственик на „АТС груп“ од Скопје, преку пензиониран инженер во „Први партизан“ дошол во сопственост на деловно-техничка документација и податоци поврзани со технологијата на изработка на одредени машини, односно до технологијата на изработка на оружје и муниција која ја развива „Први партизан“.
Меѓутоа, по само еден месец, беше пуштен со кауција од 200.000 евра за да се брани од слобода. Обвинителот во овој случај ја отфрли кривичната пријава против него, откако на 21.01.2021 година на име опортунитет платил 29.393.925 динари.
Македонскиот бизнисмен на тој начин беше ослободен од сомнение за кривичното дело поткуп при вршење на стопанска дејност.