Аргентинската фудбалска асоцијација (АФА) испрати жалба до дисциплинската комисија на Меѓународната федерација (ФИФА) по натпреварот од првото коло од групната фаза на Олимписките игри во Париз против Мароко, соопшти централата.
АФА инсистира да се преземат мерки за да се обезбеди безбедност на учесниците.
Натпреварот меѓу двете екипи беше прекинат во 16. минута од додаденото време на вториот дел при резултат 2:2. По вториот гол на Аргентина, марокански навивачи упаднаа на теренот и фрлаа разни предмети кон играчите на Аргентина. Два часа подоцна, натпреварот се играше пред празни трибини, а вториот гол на Аргентинците беше поништен поради офсајд. На крајот Мароко победи со 2:1.
Репрезентациите на Аргентина и Мароко играат во групата Б заедно со Ирак и Украина.
Селекторот на олимпискиот тим на Аргентина, Хавиер Маскерано, инцидентот со рестартирање го нарече циркус.
„Ова е најголемиот циркус што сум го видел во животот“, изјавил менторот.