Протест во Урошевац за ослободување на Рамадани: „Македонија да ја исправи грешката“

од Nikola Popovski
563 прегледи

Роднините и соборците на Блерим Рамадани, побараа од Владата на Косово да изврши притисок врз Владата на Македонија и да го ослободи поранешниот член на терористичката ОВК, уапсен минатата недела во Македонија по потерница од Србија.

На протестот организиран од огранокот на ветераните ОВК во Урошевац, била обвинета Владата на косовскиот премиер Албин Курти дека не презема ништо за ослободување на Рамадани, кој се наоѓа во затвор во Тетово.

„Апелираме и до Владата на Македонија да ја исправи направената грешка, за да ги одржуваме добрососедските односи, во спротивно ќе одговараат за влошувањето на овие односи“, истакнале воените ветерани, додавајќи дека протестот е само првиот чекор.

„Бараме двете влади сериозно да ја сфатат оваа работа, бидејќи ние, ветераните од војната на Ослободителната војска на Косово, не дозволуваме да се нарушат нашите соборци и војната на Ослободителната војска на Косово, со цел да бидат оцрнувани и криминализирани“, било соопштено на собирот.

Рамадани беше приведен на граничниот премин „Јажинце“, врз основа на потерница издадена од Судот во Белград, преку Интерпол Србија, под обвинение за воени злосторства во 1999 година на подрачјето на Неродимље. На 18-ти јули, Основниот суд во Скопје му изрече едномесечен екстрадициски притвор.

Пред неколку дена, Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово соопшти дека по сите дипломатски канали ќе обезбеди ослободување на косовскиот државјанин и екс-припадник на ОВК.

„Амбасадата на Косово во Скопје е ангажирана со тим од правни експерти за што побрзо ослободување на Рамадани и негово враќање на семејството“, се наведува во соопштението на косовското МНР.

Во саботата, ветерани на Ослободителната војска на Косово и членови на семејството, организираа мирен протест пред Кривичниот суд во Скопје, од каде што побараа итно ослободување на Рамадани.

Официјален Белград очекува негова екстрадиција, но сепак вели дека тоа е внатрешно прашање на Македонија – таков е ставот на министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ кој вчера и денес има средба со неговиот македонски колега Панче Тошковски.

Слични содржини