Меџити за екстрадицискиот притвор за Рамадани: Србија злоупотребува дека е членка на Интерпол

од Nikola Popovski
826 прегледи

ДУИ сака да извади дека ова е прв случај. За жал, имаше и порано вакви случаи кои на крај завршуваа на Врховниот суд, со одлука да се ослободат бидејќи нема факти и аргументи, вели министерот за екологија и прв вицепремиер Изет Меџити околу екстрадицискиот притвор на поранешниот член на ОВК, Блерим Рамадани.

Според Меџити, Србија злоупотребува дека е членка на Интерпол со цел да прави вакви, како што истакнува вицепремиерот, тенденциозни работи од време на време.

-Мислам дека и овој случај на ист начин ќе заврши. Треба генерално да го решиме ова прашање, а не случај по случај, рече Меџити од Старата скопска чаршија.

Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ очекува македонските власти да донесат одлука за екстрадиција на Рамадани.

-Ние обработивме и издадовме налози за апсење на многу луѓе кои учествуваа во тие злосторства за време на војните. Врз основа на тие потерници, некои од нив се уапсени. Чекаме одлука за негова екстрадиција, но тоа е внатрешно прашање на Северна Македонија, кажа Дачиќ на интегрираниот граничен премин Прешево-Табановце, каде беше пречекан од неговиот македонски колега, Панче Тошковски.

Вчера во Урошевац се одржа протест и се побара ослободување на Рамадани. Членови на семејството на поранешниот член на ОВК и поранешни воени ветерани побараа од Македонија да ја исправи, како што велат, грешката со притворот, но и сметаат дека косовската влада треба да стори повеќе околу ова прашање.

Слични содржини