Јас колку што знам, мислам дека и таму принципиелен е односот и има коректна соработка. Не мора да се сложуваме за сите работи, но прашањето е за мнозинството работи вие да се сложите. Сите ние сме посебни индивидуи и посебни политички партии и логично е да имаме различни ставови за одредени теми, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски запрашан за „искрите“ во односите меѓу владините партнери ВЛЕН и ЗНАМ.
Мицкоски ја опиша ситуацијата во владината коалиција исто како „во едно семејство“.
-Во еден внатрешен дијалог, во процес на внатрешна дебата, тие недоразбирања треба да се надминуваат, доколку има простор. Во едно семејство, не секогаш се сложувате со членовите и ќе наидете на одредени недоразбирања во одредени моменти, но во еден демократски дијалог, треба да ги надминувате. Досега во овие пет недели, така функционираме како коалиција, кажа меѓу другото премиерот, одговарајќи на новинарски прашања.
Новите пресметките на таканаречениот балансер, според кој правичната застапеност во институциите се пресметува водејќи се од процентот на резидентното население во државата од пописот од 2021 година, а не како досега според процентот на етничка припадност на вкупно попишаното население, ги раскара владините партнери. Претходно имаше обвинувања и околу употребата на албанското знаме во просториите на Владата, од страна на вицепремиерот Изет Меџити.