Република Македонија на 2 Август ќе го прослави државниот празник Илинден и чествувањето на 121 година од Илинденското востание и Крушевската Република под слоганот „Борбата трае“.
Прославите на Денот на Републиката почнуваат вечерва со официјалното отворање на традиционалното издание на Научно-културните средби „Десет дена Крушевска Република“.
Денес во 18,45 часот во центарот на Крушево, пред црквата „Свети Никола“ ќе бидат пречекани коњаниците од цела Македонија. Традиционално, крушевчани ќе ги пречекаат поддржувачите на традициите од Илинденските денови со леб и сол. На свеченото отворање на манифестацијата „10 дена Крушевска Република“, од 20 часот на Гумење, ќе се прочита Крушевскиот манифест и ќе се подигне бајракот на Крушевската Република.
На отворањето се очекува да се обратат градоначалникот на Крушево, Томе Христоски и претседател на Манифестацијата, како и министерот за култура Зоран Љутков.
Централната манифестација традиционално се одржува утре во Крушево, каде делегацијата, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, ќе положи цвеќе на гробот на Никола Карев и ќе одржи говор на Мечкин Камен.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе го посети манастирот „Свети Прохор Пчински“ каде што ќе биде пречекана од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, со кого ќе имаат и билатерална средба.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши утре ќе положи свежо цвеќе пред споменикот на претседателот на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто, на плоштадот Македонија во Скопје и пред зградата на Собранието во Скопје.
„Со мотото „Борбата трае“, сакаме да ја пренесеме пораката дека стремежот за напредок, слобода и благосостојба на нашата земја продолжува, врз основа на историските основи и борбата на нашите предци“, се вели во официјалното соопштение на Владата.
Утрешниот ден е неработен за сите граѓани во државата.