Бугарија ги објави резултатите од истрагата во конзулатот во Битола: Чистачката правела интервјуа за бугарско државјанство

од Илинка Илиоска
212 прегледи

Во Софија се објавени резултатите од истрагата околу неправилностите во работењето при издавање на бугарски државјанства во конзулатот на Бугарија во Битола, како и во амбасадата на Бугарија во Вашингтон.

Чистачката правела интервјуа за бугарско државјанство во нашиот конзулат во Битола, соопшти в.д. премиерот и министер за надворешни работи на Бугарија Димитар Главчев, пренесува БНР.

-По низа проверки, утврдено е дека една од „најстратешките“ позиции во некои од бугарските дипломатски претставништва во странство е поврзана со лицата кои ја извршуваат функцијата чистач, пишива БГНЕС.

Според медиумот, од извршениот увид во активностите на Генералниот конзулат на Бугарија во Битола, се констатирани повеќе прекршоци, меѓу кои и дека хигиеничарката Весна Котевска вршела разговори со македонски државјани за стекнување бугарско државјанство.

-Во оваа фаза, нејзините активности, освен хигиеничарски, престанаа и таа повеќе нема пристап до архивите и до активностите на конзуларното претставништво, ова го потврди Главчев пред бугарското Собрание.

В.д. премиерот истакна дека е констатирано оти Генералниот конзулат во Битола наметнал работна практика со која ги насочува и всушност ги принудува своите клиенти да ги користат услугите само на една банка.

-Утврдена е работа и на македонски кол-центар за снимање на часови за конзуларни услуги и давање информации, кој функционираше на целата територија на Република Македонија и бележеше часови за Генералниот конзулат во Битола и Амбасадата во Скопје. На овој начин, на правно лице со нејасна сопственост му се дало можност да ги дознае, систематизира и архивира личните податоци на десетици илјади луѓе кои низ годините аплицирале за бугарско државјанство и секаков друг вид на конзуларни услуги, објасни Главчев, наведувајќи дека телефонот на центарот за повици веќе е суспендиран.

Главчев најави дека поради неинформираност, исто така, било констатирано невозможно поднесување пријави за корупција и неправилности, што предизвикува загриженост и немотивираност кај граѓаните за поднесување вакви пријави, поради страв од одмазднички дејствија на делот на вработените во Генералниот конзулат во Битола.

-Констатирани се неправилности и при обработката на барањата за стекнување бугарско државјанство. Генералниот конзулат во Битола има закажано часови за поднесување барања за стекнување бугарско државјанство значително над капацитетот за квалитетна услуга, обработка на документите и разговор со апликантите, што доведе до правење грешки, рече Главчев и додаде дека дел од интервјуата воопшто не се направени или се направени набрзина и формално, според него, тоа е сериозен предуслов за постоење на коруптивни практики.

Во Вашингтон има уште покуриозитетен случај на поврзаност помеѓу чистачка и врвен дипломат поради што се евидентирани прекршувања и злоупотреби во оваа мисија, особено во последните години, пишува БГНЕС.

Слични содржини