Пругата кон Бугарија стана причина за денешните меѓусебни обвинувања меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Двете партии разменија прес-конференции и соопштенија.
Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, утрово побара Јавното обвинителство да истражи како се планира изградба на пруга каде што еден километар чини 23 милиони евра. Тој ги постави прашањата дали СДСМ и ДУИ ја напумпале цената и зошто СДСМ ја ставиле државата во обврски за проект што можеби со децении нема да профункционира.
Не е можна пренамена на средствата за пругата кон Бугарија, порача Димитриеска Кочоска
СДСМ веднаш возврати, нагласувајќи дека проектот е под целосен надзор на ЕУ и дека ВМРО-ДПМНЕ не може да ги пренамени средствата за друга железница. Опозициската партија тврди дека ВМРО-ДПМНЕ се обидува да прикаже криминал и залудно потрошени пари, наместо да го истражи случајот.
„Прво добија жолт картон од ЕУ кои го финансираат, а потоа демонстрираа целосна некоординација во Владата. Министерката за финансии пред некој ден вели дека парите за пругата кон Бугарија не може да се пренаменат, но ВМРО-ДПМНЕ вчера пак побара тие средства да одат за железницата кон Грција. Кој кого изигрува тука? Унгарскиот претставник во Владата на Македонија, Александар Николовски зборува дека ќе бара пренамена на средствата, колегата Муцунски му вели не може. Има ли капетан на бродот? Откако сфатија дека не можат да ги пренаменат парите, а уште повеќе дека проектот е под целосен надзор и контрола на ЕУ, ВМРО-ДПМНЕ сака да прикаже некаков криминал и залудно потрошени пари. Им порачуваме слободно нека го истражат случајот наместо да праќаат јалови соопштенија“, одговорија од СДСМ.