Претседателот на САД, Џо Бајден не е уверен во мирна транзиција на власта во САД доколку републиканецот Доналд Трамп ги загуби претседателските избори на 5 ноември.
„Ако Трамп загуби, воопшто не сум сигурен. Тој го мисли тоа што го кажува. Не го сфаќаме сериозно. Тој го мисли тоа. Сите тие работи дека ќе дојде до крвопролевање доколку загуби“, рекол Бајден во интервју за „CBS News“ на прашањето дали мисли дека ќе има мирен трансфер на власта по изборите.
За време на предизборниот настап во март во Охајо, Трамп предупреди на „крвопролевање“ доколку не победи на изборите. Во тоа време, Трамп разговарал за потребата да се заштити американската автомобилска индустрија од прекуокеанската конкуренција, а подоцна истакна дека мислел на автомобилската индустрија кога го користел терминот.
Трамп тврдеше дека победил на изборите во 2020 година против Бајден, поради што беше кривично обвинет во Вашингтон и Џорџија за незаконски обид да ги поништи резултатите.