„Билд“: Ова е берлинскиот проповедник на омраза кој го радикализирал 19-годишниот Беран Алији

од Nikola Popovski
93 прегледи

Австриската полиција вчера ги објави плановите за нападот на концертот на Тејлор Свифт, откако 19-годишникот Беран Алији по потекло од Македонија признал се и детално опишал како имал намера да го изврши нападот. Заедно со него уапсени се и 17-годишник кој има хрватско-турски корени и 15-годишник со турски корени.

19-годишниот терорист планирал да се убие себеси и голем број луѓе на концертот на Тејлор Свифт пред стадионот. Се проценува дека пред стадионот би имало околу дваесет илјади луѓе. 17-годишникот е уапсен од полицијата пред стадионот, но неговиот адвокат тврди дека нема никаква врска со тероризам или планови за напад.

Германски „Билд“ денеска пишува дека 19-годишникот кој пред околу еден месец се заколнал во Исламската држава е радикализиран преку Интернет и дека го радикализирал берлинскиот проповедник на омраза Абул Бараа, чие вистинско име е Ахмад Армих. „Билд“ се повикува на извори од тамошните тајни служби.

До 2020 година, Бараа бил во џамијата Ас-Сахаба во Берлин, која беше претресена од тамошната полиција во 2018 година под сомнение за финансирање тероризам и која сега е затворена, пренесува хрватски „Индекс“.

„Билд“ потсетува дека преку џамијата Бараа одржувал врски со водачите на исламистичката сцена и, во некои случаи, со насилниот џихадистички салафизам. По затворањето на џамијата, тој најголемиот дел од своите активности ги префрли на Интернет, на социјалните мрежи преку кои допира до илјадници следбеници.

Германската канцеларија за заштита на Уставот веќе предупредила за него: „Затворањето на неговата берлинска џамија и пандемијата на коронавирус доведоа до поголем ангажман на социјалните мрежи. Таму неговата реторика и неговиот стил на презентација се особено популарни меѓу младите“.

Македонската полиција врши проверка на лицето осомничено за терористичкиот напад во Виена по доставеното барање од австриските власти, информираат надлежните. Станува збор за 19-годишен австриски државјанин, чии родители се со потекло од Македонија.

„Ве известуваме дека од страна на австриските власти до Министерството за внатрешни работи е пристигнато барање за проверка на лице кое е по потекло од Македонија, а истиот е осомничен за планиран терористички напад во Виена. Од наша страна се постапува по однос на доставеното барање“, информираат од МВР.

Слични содржини