Портпаролот на коалцијата ВЛЕН, Фари Хисени денеска истакна дека претседателот на Собранието, Африм Гаши не предизвикал немири во случајот на скопскиот аеродром со косовската претседателка, Вјоса Османи. Како што вели Хисени, по барање на Османи, шефот на обезбедувањето на Гаши се упатува кон аеродромот, со оглед дека се барала директна поддршка и директно јавување од собранискиот спикер.
-Не е со иницијатива и не е со поттик за да се направи некој немир или да се постапува противзаконски. Гаши испратил негово обезбедување чисто за да види каква е ситуацијата. Обезбедувањето е пратено чисто за да се види на што се однесува случајот. Има право како втор човек во државата да испрати негово обезбедување. Тој не води истрага, ниту водел кавга со вработените, туку само за информации. Праќањето е чисто информативно. Нема мешање во ингеренциите на аеродромот, рече Хисени, одговарајќи на новинарски прашања.
Запрашан околу уставните измени и барањето за нивно одложено дејство кога би ги почнале официјалните преговори со ЕУ, како што претходно истакнаа премиерот Христијан Мицкоски и министерот Тимчо Муцунски, Хисени смета дека засега е проблем тоа што во Бугарија има преодна влада.
-Да имаше актуелна и функционална влада во Бугарија, веќе ќе почневме преговори за да се постигне договор меѓу двете земји. Имајќи ја во предвид состојбата кај нашиот источен сосед, има простор, во координација со меѓународниот фактор, да се пролонгира и рокот за уставните измени. Состојбата во другата земја не е стабилна од аспект на владеење на извршната власт. Втората страна во процесот нема стабилна влада и човек кој може да преговара за темата. Не зависи од Македонија, рече портпаролот на ВЛЕН.