Поранешниот претседател на Русија, Дмитриј Медведев, последниве неколку дена е поактивен на социјалните мрежи, особено по украинската офанзива кај Курск, каде упатува бројни закани. Последната меѓу нив се однесуваше и на Германија.
Имено, Медведев се повика на пишувањата на германски „Билд“ во кои беше потенцирано дека германските тенкови се вратиле во Русија, алудирајќи на германските донации на тенкови за украинската армија, кои сега се користат во офанзивата на руска територија.
„Германскиот весник „Билд“ објави реваншистичка статија во која гордо го најавува враќањето на германските тенкови на руска територија. Како одговор, ќе направиме се за да ги донесеме најновите руски тенкови на Плоштадот на Републиката“, рекол Медведев.
Во контекст на нештата, поранешниот претседател на Русија мислел на плоштадот во Берлин каде што се наоѓа Бундестагот или германскиот Парламент.
Медведев претходно ја коментираше украинската офанзива и посочи дека Русија повеќе не треба да зборува за ограничувања кога станува збор за украинска територија.
„Отсега специјалната воена операција (терминот што го користат Русите за војната во Украина) треба да добие отворено екстериторијален карактер. Ова повеќе не е само операција за враќање на нашите официјални територии и казнување на нацистите. Можно е и неопходно е да се оди во други делови на Украина, како во Одеса, Харков, Днепропетровск и Николаев. До Киев и пошироко. Не треба да има никакви ограничувања. Сега може и треба да се разговара отворено и без срам и дипломатски поклонувања“, смета Медведев.