Коалицијата ВЛЕН ја информира јавноста дека пред неколку дена го повлекле назначувањето на Афрона Вервизоли за ревизор на ИПА фондовите. Од заедничкото соопштение на партиите од албанскиот блок, велат дека, иако Вервизоли има одлично CV и значително професионално искуство, решиле привремено да ја заменат со друг кадар од нивните редови.
-Оваа одлука е донесена за да се осигура дека сите строги стандарди и барања на Европската унија ќе бидат целосно исполнети, додека Афрона не ја исполни својата обврска да го добие сертификатот.
Понатаму, сметаме дека е од суштинско значење да се обрне внимание на истрагата и откривањето на злоупотребите на фондовите на ЕУ кои се случиле во минатото. Овие злоупотреби не само што оставија белег на документацијата, туку предизвикаа и Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) да побара од државата враќање на неколку милиони евра.
Коалицијата ВЛЕН останува посветена на принципите на транспарентност, одговорност и отчетност во управувањето со јавните и европските фондови. Ќе продолжиме да дејствуваме во најдобар интерес на граѓаните, со цел да обезбедиме правилна употреба на ресурсите и да спречиме понатамошни злоупотреби, стои во ставот на здружената коалиција.
Партиското соопштение следи по реакциите во јавноста дека Вервизоли не ги исполнува условите и нема лиценца за ревизор, а ЕУ најави дека ќе го испита владиното именување. Од СДСМ обвинија дека функцијата ја добила, иако работела како службеничка на шалтер во банка.