Денеска имавме вкупно 12 пожари на отворен пожар од кои 4 се целосно изгаснати, а три се ставени под контрола. Пет пожари се активни, но вообичаено е за овој период од денот, да се појават нови пожари поради невнимание на несовесни граѓани, информира првиот човек на ЦУК, Стојанче Ангелов во првиот пресек околу состојбата со огенанта стихија во државата.
Ангелов истакнува дека пожарот „монструм“ кај Македонски Брод се уште е активен и после 20 дена. Според него, овој пожар е проширен во три краци. Се користат и „ер-трактори“ за негово гаснење, но и со сили од земја.
На истата територија има уште еден пожар кај селото Пласница, каде што делуваат двата кипарски „ер-трактори“.
-Во моментов на располагање имаме само четири странски „ер-трактори“. Словенечкиот хеликоптер ќе биде оперативен од утре. Воедно, денеска си заминуваа и унгарскиот тим со 46 пожарникари со специјални возила. Благодарност до сите овие држави и нивните влади за несебичната помош за нашата држава, кажа, меѓу другото Ангелов во видео-обраќање до јавноста.