Во позадина на климатските промени, летните топлотни бранови стануваат се поинтензивни. Тоа го почувствувавме низ Европа и овој јули, а температурите во термометарот растат и во август.
Со иницијативата наречена „Заштитете се со културата“ (шпански: Refúgiate En La Cultura), Мадрид одлучи на своите жители и туристи да им понуди засолниште од топлината во климатизирани музеи и библиотеки со бесплатни микро-изведби.
Во најжешките делови од денот заинтересираните можат да уживаат во огнено фламенко, звукот на гитарата и изведба на монолог во траење од петнаесетина минути. На овој начин се обезбедува заштита од се поголемиот проблем со климатските промени, но се промовираат и културата и уметноста.
Програмата ги вклучува Музејот на уметноста Прадо, Националниот музеј и уметнички центар на Кралицата Софија, музејот Тисен, Галеријата на Кралската колекција и Историскиот музеј Мадрид, како и две библиотеки.
Дополнително, до пет попладне секој ден, билетите за кино во Мадрид се со попуст.
Но, помошта на градот во борбата против горештините не застанува тука…
Летово Мадрид го отвори т.н климатско засолниште во поранешната сала за бал на Кругот на ликовни уметности. Денес е богата зелена оаза во срцето на градот, со над 300 растенија, каде посетите се бесплатни до крајот на август.
Температурите се околу 27 °C внатре наспроти 40+ надвор, така што луѓето со задоволство доаѓаат овде да го поминуваат слободното време или дури и да работат.