Аргентинскиот напаѓач Хулијан Алварез е претставен како ново засилување за Атлетико Мадрид. Поранешниот играч на Манчестер Сити однапред се заблагодари на поддршката и љубовта од навивачите.
„Многу сум среќен и возбуден што сум тука. Многу ми се допадна начинот на кој ме пречекаа во градот, во клубот. Имам големи цели и амбиции. Од самиот почеток добив многу пораки од навивачите. Како што кажав на аеродромот, многу луѓе дојдоа да ме пречекаат, други дојдоа на стадионот. Одлично е да ја започнам мојата авантура овде. Сега останува на мене да не ги разочарам навивачите на теренот. Ќе го дадам својот максимум за да бидам најдобар можен играч за да му помогнам на тимот да биде на врвот“, изјави за медиумите возбудениот Аргентинец кој летото ја освои Копа Америка.
„Сакам да им се заблагодарам на сите, бидејќи веќе добив многу пораки на социјалните мрежи, до луѓето кои дојдоа во Мадрид да ми честитаат, да ми ја покажат својата љубов. Ако има нешто што можам да ветам, тоа е секогаш да давам се од себе за да му помогнам на тимот да победи“, додаде Хулијан Алварез.