Тошковски возврати на СДСМ за бегството на Рамадани: Зошто судот одлучил да го стави во куќен притвор наместо во ефективен притвор

од Илинка Илиоска
44 прегледи

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во објава на неговиот официјален фејсбук профил ги оцени како обид за добивање ситни политички поени и манипулација со јавноста обвинувањата на опозициската СДСМ на негова сметка за бегството на Блерим Рамадани, посочувајќи дека МВР во случајот направи се согласно закон и постапи максимално професионално.

-СДСМ уште еднаш покажа дека наместо да се фокусира на вистинските проблеми и да понуди конструктивни критики, избира да обвинува само за да обвини. Во случајот со бегството на Блерим Рамадани, вистинското прашање треба да биде зошто судот одлучил да го стави лицето во куќен притвор наместо во ефективен притвор. Познавам писмени правници и во СДСМ кои ја разбираат поделбата на власта и знаат дека МВР и судот се различни институции, но жално е што раководството на СДСМ и нивната ПР служба ги игнорираат овие факти и обвинуваат за да добијат ситни политички поени, пишува Тошковски на фејсбук статусот.

Според него, со ваквите празни обвинувања, СДСМ само признава дека нивната некогашна власт ја оставила државата целосно руинирана, но, да се префрли вината за сѐ на новата влада, вели тој, е манипулација со јавноста.

-МВР во овој случај постапи согласно законот и максимално професионално. Лицето беше предадено на судот по барање на Интерпол, што е во согласност со позитивните законски прописи. СДСМ да престане со празни обвинувања, а ние и понатаму ќе бидеме фокусирани на вистински решенија за подобрување на состојбата во државата. Изборите на 8 мај беа јасна порака од народот – СДСМ доживеа историски најлош резултат. Наместо да ја разберат пораката и да се посветат на вистинските прашања, тие продолжуваат со истите стари тактики. Време е да се соочат со реалноста и да сфатат дека народот не заборава кој ја остави државата во ваква состојба, наведува министерот Тошковски.

Поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани од Косово, кој минатиот месец беше уапсен на косовско-македонската граница врз основа на потерница од Интерпол издадена на барање од Србија, избегал од куќен притвор од домот на роднини во земјава.

Пандов: Блерим Рамадани не е под надлежност на затворите – МВР да даде одговор за неговото бегство

Слични содржини