Мицкоски ќе го доврши проектот „Скопје 2014“ во модерен стил?

од Илинка Илиоска
251 прегледи

Владата на Мицкоски планира да го продолжи и заокружи проектот „Скопје 2014“, кој беше замрзнат во изминатите години. Премиерот најави дека е потребно да се завршат недовршените објекти што побрзо, бидејќи тие го нарушуваат изгледот на главниот град. Иако е љубител на модерниот стил, Мицкоски истакна дека конечниот избор на архитектонскиот стил ќе се направи по консултација со експерти.

„Не сакам да дискутирам за вкусови, но јас сум љубител на модерниот стил и би сакал овие објекти да бидат завршени што е можно поскоро“, рече Мицкоски за време на неговата посета на Царинската управа.

Премиерот посочи дека е неприфатливо да се гледаат незавршени градби во центарот на Скопје, но додаде дека средства за завршување на објектите нема предвидено за оваа година. Наместо тоа, тие ќе бидат обезбедени за 2025 година, по завршување на анализите за правниот статус на овие градби, од кои некои се приватни инвестиции.

„Немаме предвидено средства во буџетот за оваа година бидејќи се прават анализи за правниот статус на објектите. Ќе разговараме со инвеститорите за да најдеме начин како да го завршиме овој проект,“ додаде Мицкоски.

Проектот „Скопје 2014“, инициран од ВМРО-ДПМНЕ за време на премиерот Никола Груевски, го промени изгледот на градот и предизвика поделби меѓу граѓаните. Претходната влада, предводена од СДСМ, го замрзна проектот, оставајќи многу објекти незавршени, како зградата на ЕСМ, фасадата на „Пелагонија“ и новите згради на Факултетот за физичка култура и ФИНКИ.

Слични содржини