На Бен Чилвел ќе му биде подобро да замине бидејќи ќе се бори да добие време за игра во Челси. Ова го изјави новиот менаџер на „сините“ Енцо Мареска пред првиот официјален натпревар сезонава против Манчестер Сити во недела.
Чилвел (27) има договор за уште три сезони, но во последно време речиси постојано влече повреди. Поради оваа причина, на левата бековска позиција беше доведен Шпанецот Марк Кукуреља, кој по силното Европско првенство што го имаше изгледа како сигурен стартер во составот на Мареска.
„Во последните неколку дена Бен не тренираше со тимот бидејќи беше болен. За мене ситуацијата е јасна. Тој е добро момче, но не можеме да му најдеме позиција на теренот. Имавме 22 играчи на тренинг денес и ако ги прашате, сите ќе ви кажат дека сакаат да играат во недела, но тоа е невозможно ако не им дадам минутажа. Тоа не е добро ниту за нив, ниту за мене, бидејќи треба да носам одлуки. За него би било подобро да замине да игра на друго место“, изјави Енцо Мареска.
Поради повреди минатата сезона, Бен Чилвел, кој дојде во Челси во 2020 година, одигра само 21 натпревар. Во последните три години за „сините“ има вкупно само 65 натпревари.