Мошне прост е одговорот зошто оние од вмро – дпмне (во понатамошниот текст – мицковистичко дпмне, или дпмне мицковистичко) го трпат скандалозното (не)политичко однесување на нивниот Претседател на Собранието ем коалиционен партнер од Влен, Африм Гаши, кого во една прилика нивниот лидер а сега и премиер го предлагаше дури и за премиер на РС Македонија. Многу едноставен е одговорот на тоа прашање кое се повеќе ги измачува дури и некои нивни неинформирани и наивни членови после редицата скандали и политички непредвидливото однесување на Гаши. Да потсетиме, после читањето на заклетвата при промоцијата за Претседател на Собранието прво на албански јазик, следуваше некаков верски ритуал во Собранието (кога РСМ е секуларна држава, религијата е одвоена од државата), па луксузен престој во САД сосе сопругата платен од буџетот т.е. нас, даночните обврзници. Потоа, дојде и онаа негова наредба до припадници на МВР (?!!) да одат и реагираат на скопскиот аеродром – според негови зборови, со намера за некаква помош на Косовската претседателка при рутинска царинска контрола, на која подоцна неговиот коалиционен партнер, премиерот лично, јавно и се понуди да и биде придружба за следниот пат кога ќе дојде на аеродромот. И така се до вчерашниот ден, кога ретките слободни и професионални медиуми (не и оние курирски памфлетчиња за гебелсовска пропаганда во корист на мицковистичко дпмне) да објават и пренесат снимка како Гаши со службен, државен луксузен автомобил церемонијално свадбарски „оди по невеста во Косово“! (цитиран е насловот од неколку релевантни медиуми). Верувале или не, така пишува и се гледа на снимката службениот автомобил во свадбарската колона, и секако треба да им честитаме на младенците, чест е кога Претседател на Собрание со службен автомобил со флешери, сирени и обезбедување доаѓа на нечија свадба, нели.
Мицињата за тоа време, барем оној профитерски дел од нив кои сеуште чекаат државни функции и дебели фотељи во луксузни државни канцеларии, молчеа и смислуваа некои приглупи соопштенија и оправдувања за овие скандали кои во нормални, демократски држави, веднаш ќе предизвикаа оставка на Владата. Но, се чини, вчерашното „одење по невестата“ беше премногу дури и за верните на Мицкоски мициња, односно за поголем број од нив, посебно за оние кои од незнаење и неинформираност се (или, да се надеваме, беа) гласачи и поддржувачи на мицковистичко дпмне. Вчера падна уште една маска, уште една политичка лага на лидершипот на мицковистичко дпмне, во контекст на континуираното молчење на скандалите од Гаши – падна митот за 61 пратеник и приказната за „стабилно мнозинство кое нема никој да го уценува“. Таа политичка финта која меѓу другите ја искористија оние што седнаа на дебело платени функции од мицковистичко дпмне им успеа и несомнено беше една од објективните причини зошто толку убедливо победија. Имено, со критиката кон попустливоста на Сдсм кон Дуи (најчесто оправдана), тие на изборите политички ги излажаа гласачите дека за да не се случува истото, им се потребни 61 пратеник. И ги добија, нели, така во неколку прилики изјави нивниот лидер и премиер, без оглед на тоа дека официјалната бројка им е 58 пратеници. Сеедно, дали имаат самите како партија и коалиција со оние лево-десни партиички кои ги прибраа иако претходно истите со години глумеа опозиција на дпмне мицковистичко – секако имаат над 61 пратеник со оние од Знам, кои сега веќе и онака служат само за политички потсмев и сеир кај народот после потсмевот кон нив од страна на нивните коалициони партнери во истата Влада (!), оние од семоќните Влен.
Сеирџиите би рекле, епа ајде, имате 61 пратеник, сменете го Гаши… ако смеете! А можете. Сите знаат дека ако имате 61 пратеник, мнозинство во Собранието, имате Влада. Не треба, не мора да ги трпите скандалите на Гаши – ајде сменете го, дури ако треба прекинете ја коалицијата со Влен, ете, имате 61 пратеник, нели му ветивте на народот дека ако имате 61, никој нема да може да ве уценува политички и ќе работите во најдобар интерес на државата?! Што се чека уште, па, народот, гласачите, ви дадоа 61 пратеник и нема веќе оправдувања од типот „мора да се молчи и балансира затоа што без нив, кои и да се, ќе падне владата“. Еве, сега има кристално јасна ситуација и јасни бројки – 61 пратеник и можноста сосе правото да се формира и има влада, легитимна и легална, со 61 пратеник.
Арно ама, лидершипот на мицковистичко дпмне, сосе Премиерот господинот професор доктор Мицкоски, пак молчат! Повторно ги нема со вакви од народот очекувани дејства за смена на Африм Гаши. Дури, нивните квази тв и парталчиња не ја пренесуваат ниту информацијата за најновиот скандал, пежоративно наречен „одење по невестата“. Медиумскиот мрак и цензурата се одамна присутни овде, во Европа во 21 век, но и наспроти тоа, сите дознаа за одењето по невестата, сите знаат дека убедливо победија токму заради ветувањето, а сега веќе лагата, дека нема да дозволат никој да ги уценува ако/кога ќе имаат 61 пратеник. Еве, имаат, а пак не го менуваат Гаши. Демистификацијата, разголувањето и на оваа нивна политичка лага, битно ќе влијае врз бројките за следните избори, кои веќе утре треба да бидат распишани. РС Македонија со владата на мицињата и Влен и Знам буквално секој ден пропаѓа по сите основи, и единствен излез се брзи предвремени избори (со техничка влада, нова ДИК, нов директор на националната ТВ и радио, итн.) на кои оние кои имаат барем малку мозок – во алузија на говорот на уште еден поддржувач и кандидат за пратеник на дпмне мицковистичко кога зборуваше од говорница за карактерот и интелектуалниот капацитет на членовите на дпмне – ќе гласаат против сите политички лаги со кои беа излажани пред неколку месеци на изборите.
А дотогаш, до очекуваните нови избори наесен, оние „комитите“ и „војводите“ од мицковистичко дпмне ќе трпат, молчат, веднат глава, црвенеат додека го гледаат нивниот Гаши како оди по невестата, прави верски церемонии во собраниската сала, дава наредби на полицајци како да е полициски началник! Ќе си молчат и ќе си го гледаат. Сеирџиски кажано, додека ја пеат фамозната „Заветна“ и јаваат мазги, магариња или кутри коњчиња, ќе си го трпат политичкиот јавашлук на Гаши, а да не ги заборавиме и Меџити и Касами и Таравари. Ако им е! Нивните горски началства од белата палата не го менуваат иако кутрите наивни и неинформирани им изработија 61 пратеник. Тажно, нели. Сите оние такви кои добија државна функција (т.е. премиерот и лидерот им даде) ќе мора да ја веднат главата, бидејќи иако немаат политичи морал и плаќаат прескапа цена со својот образ во замена за дебелите фотељи, сепак совеста на крај се појавува. Знаат дека ја жртвувале каузата на ВМРО, идеалите и политичката чест на светите букви, знаат дека нивниот лидершип е политички предавник на ВМРО, арно ама пуста паричка секој месец има, и тоа бааѓи. Асоцијацијата со (токму од нив!) порано често споменуваниот Коте од Руља е логична па дури и како за нив трансцендирана во времето и просторот денес. За грст жолтици, со 61 пратеник, не смеат да го сменат Гаши! Па, има ли поголемо политичко предавство на парадигмата ВМРО?! Ќе има, од нив, ако дотогаш нормалниот народ, гласачите, токму оние кои сеуште веруваат во трансисториската нарација на ВМРО, не ги победат на предвремените избори наесен.
Д-р Тони Науновски
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.