Дали некогаш сте забележале дека вашето куче постојано се чеша или кива? Алергиите можат да бидат сериозен проблем за кучињата, а ветеринарот Шон Мекормак откри кои раси се најмногу склони кон развој на алергии.
„Пред да земат куче, потенцијалните сопственици треба да ги разгледаат различните фактори поврзани со одредени раси и да размислат дали расата е погодна за нивниот начин на живот“, рече Мекормак. Тој додаде дека расите склони кон алергии бараат поголемо внимание за да бидат среќни и здрави.
Иако секое куче може да развие алергија, Мекормак објасни дека некои раси се повеќе склони кон алергии од другите.
Бишон фриз
Иако тие се хипоалергични миленичиња за луѓето, кучињата Бишон Фриз се исклучително чувствителни на алергии на кожата и на храна. Тие секогаш треба внимателно да се следат за симптоми како што се интензивно чешање или респираторни проблеми.
Златен ретривер
Најпопуларната раса на кучиња во САД, златниот ретривер, исто така е подложна на алергии на храна и околина. Поради долгото крзно, симптомите не се секогаш лесно забележителни, па сопствениците треба да бидат дополнително внимателни.
Германски овчар
Лојален и интелигентен, германскиот овчар е особено склон кон алергии на храна. „Германските овчари можат да јадат одредени намирници со години без проблем, за наеднаш да развијат реакција“, додаде Мекормак.
Кокер шпаниел
Кокер шпаниелите се особено подложни на алергии при вдишување, слично на поленската треска кај луѓето. Иритацијата предизвикана од полен или прашина може да предизвика чешање, инфекции на увото, па дури и губење на крзното.
Боксер
Боксерите се најподложни на алергии на храна, особено на производи од житарки како пченка или пченица. „Симптомите кај боксерите може да вклучуваат гастроинтестинални нарушувања и, во тешки случаи, губење на тежината или дехидрација“, рече Мекормак.
Хроничните алергии можат да влијаат на севкупниот квалитет на живот на кучето, а потенцијалните сопственици мора да бидат подготвени да се справат со овие состојби.
Знаци на алергија кај кучињата се:
* гребење и чешање
*прекумерно лижење
*црвена, иритирана кожа
*повраќање и дијареа
*кивање и насолзени очи.
Ако мислите дека вашето куче може да има алергии, почнете да ги набљудувате и документирате симптомите. Кога ќе ги забележите овие знаци, консултирајте се со вашиот ветеринар за да закажете тестови и да го одредите најдобриот курс на лекување.
Сопствениците кои размислуваат да добијат раса повеќе склона кон алергии треба да бидат свесни за знаците и да бидат подготвени да обезбедат посебна грижа кога е потребно. Покрај наведените видови кучиња, постојат и други раси кои се склони кон алергии, па затоа е потребно внимателно да се распрашате за потеклото и генетиката на кучето што го купувате.