Во штипската Клиничка болница има недостиг од 130 вработени

од Илинка Илиоска
21 прегледи

Во Клиничка болница Штип во моментот има вработени само 420 лица, а според систематизација потребно е да се пополнети 550 работни места. Новиот директор на Клиничка болница-Штип, Владко Захариев денеска изјави дека недостигаат 130 лекари, медицински и технички кадар.

Toj посочи дека деновиве има разговори и со надлежните во  министерството за здравство со цел да се вработат нови 33 вработени, кои нема да бидат доволни, но се повеќе од потребни. Захариев најави дека до крајот на неделата заменик министерот за здравство треба да ја посети штипската Клиничка болница, и да се откочи процесот, со кој ќе можат да се вработат нови лица. Недостиг на кадар има на сите одделенија.

-Тие 33 се многу мала бројка, но мислам дека ќе бидат доволни за некаде алармантно каде што треба да се пополни. Анестезиолозите се дефицитарни, тројца имавме, до пред десет дена беа двајца, вели Захариев.

Дополнително докторите од штипската болница имаат договори за соработка со помалите здравствени установи, каде одат на помош. Ова е заради фактот дека недостиг има и во останатите болници, а треба да бидат опслужени соодветно сите пациенти. Последните вработувања во Клиничка болница  беа кон крајот на минатата година, а требаше во меѓувреме да има и нов конкурс за вработување. Реалната состојба минатата година покажа дека има доволно заинтересиран медицински кадар кој би можел да се вработи во болницата. За тоа говори фактот дека за 16 слободни места лани се пријавија дури 61 лице.

Слични содржини