По најтоплата зима во историјата, Грција ги доживеа и најтоплите јуни и јули, а со сè посувите сезони на хоризонтот, тамошните лозари ќе мора да се преориентираат кон нови култури кои нема да бараат интензивно наводнување.
Како што пишува „РСЕ“, државата започнала експериментална програма која ја истражува адаптацијата на климатските промени, во која моментално се вклучени десетина земјоделци и 10 хектари земја каде што почнало одгледувањето на егзотично овошје.
Одгледувачите во западна Грција, каде што плодното земјиште беше познато претежно по маслинки и лубеници, се свртуваат кон тропско овошје како што се манго, авокадо, херимоја и макадамија, за кои вели дека се „поотпорни“ на сè поинтензивната топлина во медитеранскиот регион.
Иницијативата е дел од студијата на грчкиот државен земјоделски институт „Деметер“ за да се утврди дали тропското овошје може да помогне во решавањето на проблемот со сушата што се наѕира во земјата.
Водачот на студијата Тереза Чачани рече дека поентата е „да најдеме нови начини за справување со климатските промени и да направиме тие да функционираат во наша корист“.
„Сега е потопло во текот на целата година и ова е добро за овие култури“, рече таа.
Овој тип на иновации е суштински за да се спаси секторот од идни климатски катастрофи, рече Андонис Параскевопулос, раководител за земјоделство за локалниот регион Трифилија.
Но, засега тропското овошје не е магично решение за проблемот.