Моментално најмалиот електричен модел на BYD во Европа, Dolphin, го пробива пазарот со нова промотивна цена, која не може да ги остави рамнодушни европските производители. Електричниот компакт од Кина има почетна цена во Шпанија помала од 20.000 евра и во суштина чини колку што всушност треба да чини.
Бариерите меѓу Европа и Кина се се поизразени на хартија, но во пракса полека исчезнуваат. Без оглед на новото намалување на тарифите и новото симболично намалување на стапката за BYD, од 17,4 на 17 отсто, кинескиот производител одлучи да ги преземе работите во свои раце и конечно на европските клиенти да им го понуди електричниот Dolphin по многу атрактивна цена.
BYD Dolphin, со должина од 4,29 метри, моментално е најмалиот модел што го нуди кинескиот специјалист за електрифицирани возила, бидејќи малиот Seagull се уште не се продава во Европа. Врз основа на е-платформа 3.0 I, моментално се нуди во една верзија на повеќето пазари во ЕУ. Станува збор за верзија со батерија LFP Blade од 60,4 kWh, која испорачува моќен електромотор од 204 КС, со чија помош автомобилот поминува солидни 427 километри во комбиниран циклус или 565 километри во градски циклус.
Да се вратиме на промоцијата, која моментално се нуди во Шпанија. Се нудат два пакета опрема, Comfort и Design. И двете се вклучени во промотивната понуда до крајот на септември, под услов заинтересираните да се пријават за финансирање во CA Auto Bank, со минимален аванс од 3.000 евра и рок на отплата од 36 месеци.
Затоа, BYD Dolphin Comfort по редовна цена чини 35.690 евра. Во тековната и навидум неповторлива кампања, комбинира попуст од 7.490 евра од самиот бренд и локалниот претставник, како и дополнителни 1.210 евра од поддршката на BYD субвенционирана преку програмата за финансирање MOVES III. Сепак, Шпанците им дозволуваат на своите граѓани дополнителен бонус од 7.000 евра доколку донесат стар автомобил и го заменат за нов Dolphin.
Така, почетниот Dolphin конечно има атрактивна цена од 19.990 евра, која купувачот ја плаќа на рати според горенаведените услови. Во исто време, поопремениот Dolphin Design, за кој Шпанците бараат 37.690 евра по полна цена, по „пресметените“ попусти и стимулативни програми, сепак чини прифатливи 21.900 евра.
Електричниот компактен автомобил со одличен сооднос цена-квалитет ќе биде уште попристапен во иднина. Имено, се очекува пристигнување на нови верзии, вклучувајќи, на повеќе европски пазари, достапност на помала батерија од 44,9 kWh со послаб електромотор од 95 КС. Таков поскромен Dolphin би требало да има почетна цена под 30.000 евра, односно помалку од 15.000 евра вклучувајќи ги попустите и владините стимулации што ги нудат Шпанците.
Локомотивата од исток само се загрева, вистинското време за кинески автомобили допрва доаѓа.