Американскиот технолошки магнат и сопственик на X, Илон Маск, брзо реагираше на веста за апсењето на лидерот на каналот Телеграм, Павел Дуров во Франција и веднаш покрена кампања за негово ослободување на неговата платформа.
Павел Дуров (39) е уапсен синоќа откако приватен авион слета на пистата на аеродромот Ле Бурже. Француските власти издадоа налог за негово апсење врз основа на прелиминарна истрага на националната полиција (OFMIN).
Се верува дека отпатувал од Азербејџан. Дуров се појави пред истражен судија кој ќе одлучи дали ќе го испрати во притвор, а проценките на познавачите на случајот се дека шанси за негово ослободување речиси и да нема.
Американскиот милијардер застана на страната на основачот на каналот Телеграм, па на својата мрежа постојано објавува апели за негово ослободување. Меѓу другото, тој веќе го започна хаштагот „Слобода за Павел“, односно #freepavel. Тој, исто така, пророкуваше мрачна иднина по апсењето на Дуров.
„Замислете: е 2030 година и ве апсат во Европа затоа што лајкувате мем“, напиша Маск.
#FreePavel
pic.twitter.com/B7AcJWswMs— Elon Musk (@elonmusk) August 25, 2024
Дуров, чие богатство го проценува Форбс на 15,5 милијарди долари, ја напушти Русија во 2014 година откако ги одби барањата на режимот на Путин да ги затвори опозициските сметки на платформата ВК, руската верзија на Фејсбук, која во меѓувреме ја продаде.
„Попрво би бил слободен отколку да примам наредби од некого“, му рече Дуров на американскиот новинар Такер Карлсон во април за неговото заминување од Русија.
Повикувајќи се на претставникот на руската амбасада во Франција, руската државна агенција ТАСС објави дека Дуров не контактирал со амбасадата, но дека таа „активно“ презема „итни“ мерки.
Шифрираната апликација за пораки Телеграм, со седиште во Дубаи, е виртуелно бојно поле меѓу Русија и Украина, што го користат двете страни за ширење на нивните информации.