Во текот на вчерашниот ден имало вкупно 20 пожари на отворен простор. Како што соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК), во моментов активни се два пожари, а три се под контрола.
Најкритичен е пожарот кај село Оморани, општина Чашка, кој е префрлен од планината Мукос каде што гори мешана шума, а вториот во општината Македонски Брод во близина на селото Грешница покрај резервоарите од селскиот водовод каде што исто така гори мешана шума.
Фронтот на пожарот во општината Чашка е голем, и таму од рано изутрина дејствува еден полициски хеликоптер, но ефектите од гаснењето засега се многу мали, велат од ЦУК.
„Ангажирани се 25 припадници на МВР од специјална единица и 25 припадници на Армијата кои се веќе на местото на пожарот. Екипите од МВР и АРМ се поделени во две групи од кои една група ќе дејствува северно во правец на манастирот „Св.Никола“ во придружба со екипа од пет лица од ЈП „Национални шуми“, а втората група ќе дејствува западно кон манастирот „Пресвета Богородица“ во правец на с. Оморани. Од 10:00 часот во гаснењето на пожарот е вклучен и ер- трактор на Дирекцијата за заштита и спасување“, велат од ЦУК.