Откако денес премиерот Христијан Мицкоски изјави дека врз него имало обид за поткуп за Коридорот 8, за да ја прифати тендерската документација што истекува на 17 септември, реагираа од Обвинителството за организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), МВР и од од Јавното обвинителство.
Од Обвинителството за организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) информираат дека до овој момент немаат добиено пријава за поткуп, а од Јавното обвинителство велат дека немаат информации каде е поднесена пријавата.
Додека од Министерството за внатрешни работи велат дека веќе се постапува по повеќе предмети кои се поврзани со криминал и корупција.
„Во моментот кога истите ќе бидат во напредна фаза, соодветно ќе ја известиме јавноста“, велат од МВР.
Претходно денеска премиерот Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека му бил понуден поткуп за да го потпише тендерот за изградба на пругата кон Бугарија во износ од 560 милиони евра, кој истекува на 17 септември годинава. Посочи дека како премиер не може да стави потпис и да потроши половина милијарда евра јавни пари за проект што завршува на половина тунел во слепа улица.
„Бев жртва на обид за поткуп поврзан за тој проект. Кажав дека ваков како што е никогаш нема да го поддржам. Тука не станува збор само за пари на македонските даночни обврзници, туку и на европските. Додека сум јас премиер, нема да се случи тоа“, изјави Мицкоски.