Ова ќе бидат новите правила за македонските граѓани за влез во земјите во ЕУ

од Milan1
156 прегледи

Од 10 ноември годинава стартуваат новите правила за влез во земјите од ЕУ за граѓаните на земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја Македонија. Влезот во ЕУ, плус земјите на Швајцарија, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн, кои се дел од Шенген системот, ќе имаат посебни протоколи за влез на граѓаните на земји кои не се дел од ЕУ, односно на околу 60 држави.

Системот за влез и излез (entry/exit system – EES) беше воспоставен 2017 година, а имплементацијата е одложувана неколку пати.

За идното лето исто така ќе се имплементира на вториот Европски систем за информации и овластувања за патување (ETIAS) што значи дека патниците од земјите кои имаат безвизен режим со ЕУ, мора да аплицираат онлајн за дозвола за влез, со плаќање на надоместок од седум евра.

Пасошите од нашата земја се биометриски, чиповите содржат отпечатоци од прсти и фотографии и се целосно усогласени со условите што ги бара ЕУ за земјите од Западен Балкан да добијат безвизен режим.

ЕТИАС ќе бара од граѓаните од околу 60 земји да потполнат посебен формулар преку компјутер или преку мобилна апликација пред да патуваат.

При првото пополнување на апликацијата, патникот внесува лични податоци, електронска пошта и телефонски број, како и детали од патната исправа.

Патникот исто така ќе треба да внесе детали за образованието и тековното вработување, како и детали за планираното патување и престој во земјата на ЕУ.

Ќе се бараат и детали за какви било кривични пресуди, минати патувања во воени зони или конфликтни зони, како и информации за тоа дали лицето е депортирано од која било земја.

Патниците треба да платат и дополнителна такса од седум евра, која се плаќа со платежна картичка. Плаќањето се врши како и секое купување преку Интернет.

Таксата нема да ја плаќаат лицата под 18 и над 70 години, сопружниците/регистрираните партнери и децата на државјаните на ЕУ и земјите од Шенген зоната, како и децата на сопружниците/партнерите кои доаѓаат надвор од ЕУ.

„Групна“ апликација нема да биде возможна, односно во случај на семејно патување, секој член ќе мора посебно да аплицира за ЕТИАС. Системот ЕТИАС ќе биде достапен на јазиците на земјите-членки, вклучувајќи го и хрватскиот, а системот ќе прифаќа само латински букви. Патникот ќе може да го паузира пополнувањето на апликацијата, да зачува промени и да продолжи со внесување податоци во период од 48 часа пред влезот во земјата.

Како што е наведено на официјалната веб-страница на системот ЕТИАС, обработката треба да трае „неколку минути“. Доколку трае подолго, патникот треба да го добие известувањето во рок од четири дена.

Од патниците може да се побараат и дополнителни информации или документација, на пример, потврда за резервација на хотел и потврда за вработување, кои треба да се достават во рок од десет дена, а во тој случај барањето треба да се обработи во рок од две недели. Патникот може да биде поканет на интервју во амбасадата на земјата во која планира да патува и во тој случај барањето треба да се обработи во рок од 30 дена.

Затоа, на патниците им се препорачува да го пополнат формуларот најмалку еден месец пред да купат билет или да резервираат сместување.

Доколку на патникот му биде одобрено да влезе во ЕУ, тој ќе добие известување преку е-пошта.

Дозволата ЕТИАС ќе трае три години или додека не се замени патниот документ со кој некој аплицирал.

Формуларот е поврзан со патната исправа, што значи дека важи само со пасошот со кој се пријавил влезот. Нов пасош значи нова апликација. Ако ЕТИАС е платен и одобрен за патување во една земја, тој важи и за друга.

Овластувањето на ЕТИАС не значи дека едно лице може да остане во ЕУ повеќе од 90 дена во период од шест месеци или да работи во ЕУ.

Патникот ќе може да влегува и излегува од ЕУ онолку пати колку што сака и да патува до која било дестинација во рамките на Шенген зоната во периодот на важност на дозволата се додека го почитува наведениот временски рок.

Формуларот ЕТИАС нема да мора да го пополнуваат лица кои имаат валидна виза – студентска, работна или слично, или дозвола за престој во земја на ЕУ.

Исклучоци се и лекувањето во случај да е загрозен животот на барателот или роднина, одењето на погреб на член на семејството, обврската да се појави пред суд или некоја „важна обврска“. Во тој случај, патникот ја пополнува апликацијата ЕТИАС за т.н ограничена дозвола со наведување на причината.

На лицата без овластување за ЕТИАС ќе им биде одбиен влез на граница.

Дури и добивањето на тој сертификат не значи дека на патникот автоматски му се дозволува влез во земјата на ЕУ. Сите патници сепак ќе бидат проверени и граничен службеник може да одбие влез на лице кое не ги исполнува условите.

Некои од условите за влез се важечка патна исправа најмалку три месеци од датумот на планираното враќање, пасошот да не е постар од десет години, престојот да е оправдан и лицето да има доволно пари до планираното враќање.

Слични содржини