Советот на Град Скопје на денешната седница не ја донесе Одлуката за давање согласност за склучување на договор за имплементација на проектот воведување на Брз автобуски превоз (БРТ) во Град Скопје. „За“ одлуката гласаа 14 советници, четири “против“ и двајца воздржани. Против оваа одлука гласаа советниците на ВМРО-ДПМНЕ, од Зелен хуман град и Левица.
БРТ системот, кој беше проект на претходниот градоначалник Петре Шилегов е едно од решенијата за намалување на сообраќајниот хаос во главниот град, а ова е трета година како не се спроведува и се плаќаат пенали. Парите за БРТ стојат, а од државниот буџет се плаќаат пенали – по 350 илјади евра годишно камата на ЕБОР, бидејќи кредитот во висина од 70 милиони евра е земен, но проектот не се реализира.
-Нема да го поддржиме овој предлог за воведување на БРТ системот, затоа што без разлика што постојано нѐ обвинувате дека немаме став, нашиот став е дека граѓаните не го поддржаа овој систем, затоа и ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи, рече советникот Филип Јаневски од ВМРО-ДПМНЕ.
Советничката од СДСМ Љубица Јанчева смета дека со набавка на нови автобуси кои би сообраќале по старите траси, проблемот со јавниот транспорт нема да се реши.
-Имаме готов проект за БРТ, за кој има пари и во сумата се вклалкулирани и 50 нови автобуси. А за тој проект, кој е одобрен плаќаме пенали. Инаку потребен е нов концепт за јавен превоз, не само набавка на нови автобуси. Она што му е потребно на Скопје и на сите кои го користат јавниот превоз е нов концепт за брз, ефикасен и еколошки превоз, рече советничката од СДСМ Љубица Јанчева. Одговори и на прозивките дека со изградба на трасата на БРТ ќе се уништело средишното зеленило, затоа што планот предвидува засадување зеленило на голем дел од трасата.
Драгана Велковска од Зелен хуман град смета дека договорот за БРТ е постигнат без јавна дебата, исклучително нетранспарентно, зад затворени врати и смета дека е БРТ решението е натурено, а нема стручна студија за неговата оправданост. Таа смета дека зелениото кое ќе биде уништено е повеќедецениско, а не може да се замени со нови садници. Таа побара основна студија и кога ќе може да биде изработена, па за неа да се дискутира.
Советникот на Левица, Ванчо Спасески истакна дека нема да го поддржат овој предлог затоа што, како што рече, дека при ваков нерегулиран градски јавен превоз да се бара брз превоз е претенциозно.
Советниците на Град Скопје не ја донесоа и Одлуката за набавка на еко-автобуси. „За“ Одлуката гласаа 20 советници, пет воздржани и ниту еден „против“.
Советот на Град Скопје денеска одржува седница на која се очекува советниците да ги поддржат дополнителните програми за работа на Комунална хигиена за вработување на околу 120 лица и да донесат одлука за пренамена на средства за ЈСП со кои ќе се репарираат и стават во функција уште 30 автобуси.
Градоначалничката Данела Арсовска на 22 овој месец на координација со советничките групи го претстави планот за излез од кризата во градот Скопје недоволниот број автобуси поради што мораат да чекаат и по повеќе од половина час, а исто така имаше и коментари за хигиената во градот.