Градот Скопје ги извести вработените во училиштата под надлежност на Град Скопје дека уште на 27.08.2024 година (вторник) е пуштен налог за исплата на додаток на плата – регрес за годишен одмор, велат од Град Скопје.
„За средствата кои ги исплати градот Скопје, веќе има начелна согласност од Министерката за образование, но сега пак министерката за финансии изјави дека одбива да го процесуира налогот за исплата на средствата од градот кои треба да стигнат до вработените во училиштата.
За своите институции доколку министерката за финансии обезбедила средства за регрес нека ги пушти кога таа сака, додека за училиштата под надлежност на град Скопје како исполнување на наша обврска, градот Скопје регресот го пушти минатата недела и чекаме министерката за финансии да го реализира налогот.
Финансиските средства за регрес од годишен одмор за 2024 година за училиштата под надлежност на град Скопје се планирани и обезбедени со Буџетот на Град Скопје за 2024 година, усвоен од страна на Советот на Град Скопје уште на крајот од 2023 година. Истите средства се буџетирани на ставка 401 и 404 на веќе вчитан Буџет на градот Скопје и веќе е потпишан и пуштен налогот за истите да се исплатат преку министерство за финансии.
Со оваа политички мотивирана одлука со која се блокира исплатата на регресот од страна на Министерството за финансии, директно се наштетува на вработените во образовните институции во градот Скопје, кои заслужуваат да се мотивираат со цел постигнување успешност во работата“, стои во соопштението на Град Скопје.