Русија го демантираше Доналд Трамп

од Илинка Илиоска
176 прегледи

Русија не очекува успешно да посредува за брзо решавање на војната во Украина доколку Доналд Трамп стане претседател, соопшти во неделата Кремљ.

„Мислам дека нема волшебно стапче. Тоа не може да се направи во еден ден“, изјави портпаролот Дмитриј Песков во интервју за програмата „Москва. Кремљ. Путин“ што ќе се прикажува на руската телевизија во недела.

Песков мислеше на претходните изјави на поранешниот американски претседател и републикански кандидат на претстојните претседателски избори, кој рече дека за еден ден ќе стави крај на војната меѓу Русија и Украина.

Песков рече дека такво нешто е можно доколку „идниот американски претседател во својот инаугуративен говор објави дека САД се за мир, поради што ја прекинуваат поддршката за Украина“.

„Тогаш можеби размислувањето би се променило следното утро, особено во Киев“, додаде Песков.

Песков нагласи дека ова е само хипотетичко сценарио, земајќи го предвид обемот на американската помош за Украина.

САД во голема мера се дел од конфликтот поради воената помош за Украина и поради тоа односите меѓу Москва и Вашингтон се најлоши во последните „децении“, рече Песков.

Портпаролот на Кремљ изјави дека Москва не фаворизира никого на претстојните претседателски избори во САД.

Слични содржини