Китот белуга со прекар Хвалдимир, кој првпат беше виден во Норвешка во близина на руските територијални води со електронска алка за која се веруваше дека се користи за шпионажа во корист Русија, бил пронајден мртов минатиот викенд.
Норвешката јавна телевизија НРК објави дека татко и син рибари пронашле тело на кит во заливот Рисавика во јужна Норвешка во саботата, пишува Гардијан.
Белуга, чиј прекар е комбинација од норвешкиот збор за кит – хвал и името на рускиот претседател Владимир Путин, со кран бил изваден од водата и со брод бил пренесен на вештачење до блиското пристаниште.
„За жал, го најдовме Хвалдимир како плута во морето. Тој починал и засега не ја знаеме причината за смртта. На животното не се видливи сериозни надворешни повреди“, изјавил за НРК морскиот биолог Себастијан Странд, кој ги следел движењата на Хвалдимир во изминатите три години во име на норвешката непрофитна организација „Marine Mind“ и додал дека тој бил погоден од смртта на животното.
Странд истакнал дека китот бил во добра состојба до минатиот петок и дека стручниот тим мора да утврди што ја предизвикало ненадејната смрт.