Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски најави дека околу 83 до 84 илјади вработени чии што работодавач е централната власт ќе добијат К-15 на крајот на ноември или почетокот на декември. Според премиерот, во ребалансот на буџетот се предвидени околу милијарда денари за исплата на К-15 која што е законска обврска за сите работодавачи и оваа законска обврска.
-Владата како најголем работодавач, има намера да ја заврши некаде кон крајот на месец ноември, почеток на декември затоа што знаете, согласно законот, потребно е да имате шест месеци за да го исполните правото, така што ќе овозможиме на повеќе наши граѓани да добијат К-15, рече Мицкоски при посетата на едно скопско училиште на првиот ден од новата учебна година.
Потсети дека согласно Законот се потребни минимум шест месеци работен стаж за да се оствари право на К-15 и посочи дека исплата по тој основ ќе се овозможи на поголем број граѓани кои во меѓувреме ќе се стекнат со работно место.