Рускиот претседател Владимир Путин денеска се состана со српскиот вицепремиер Александар Вулин на маргините на Источниот економски форум (ЕЕФ) во Владивосток.
На средбата, која директно се пренесуваше на платформата Јутјуб, Вулин истакна дека Србија не е само стратешки партнер, туку и сојузник на Русија.
Вулин додаде дека поради ова притисокот врз Србија е „огромен“.
„Но, Србија предводена од (претседателот) Александар Вучиќ е Србија која никогаш нема да стане членка на НАТО пактот, која никогаш нема да воведе санкции кон Русија и која никогаш нема да дозволи да се спроведуваат какви било антируски акции од нејзина територија. “, рече Вулин.
Стејт департментот претходно ја објави средбата меѓу Вулин и Путин. Во одговорот на портпаролот на Стејт департментот за Гласот на Америка се наведува дека „позицијата за Александар Вулин е добро позната“ и дека тој останува под санкции на САД.
„Нашиот фокус останува на работа со лидерите во Србија за зајакнување на стратешкото партнерство меѓу нашите земји, додека Србија продолжува да гради сигурна иднина во Европа, отпорна на политички и економски уцени од Русија“, соопшти Стејт департментот.
Претходно, Европската унија (ЕУ) објави пред медиумите во Србија дека „одржувањето врски со Русија за време на нејзината агресивна војна против Украина не е компатибилно со вредностите на ЕУ и со процесот на пристапување“.
„Европската унија беше кристално јасна со нашите партнери: односите со Русија не можат да бидат нормални по неиспровоцираната и неоправдана агресивна војна на Русија против Украина“, соопштија оттаму во одговорот на прашање на РСЕ.
Србија и Русија имаат историски блиски врски.
Белград, исто така, останува ретката земја во Европа која одбива да се приклучи на меѓународните санкции против Кремљ по руската инвазија на Украина.
Средбата меѓу Путин и Вулин доаѓа по големиот договор за оружје потпишан меѓу Франција и Србија минатата недела, според кој Белград ќе купи 12 воени авиони Рафал од француската авијација Дасо.
Вулин долго време се смета за еден од најсилните поддржувачи на Кремљ меѓу српската владејачка елита.
Стејт департментот го стави на списокот со санкции во средината на 2023 година, поради врските со Русија и наводната корупција додека тој сè уште беше на чело на Безбедносната разузнавачка агенција.
Тој се повлече од функцијата во ноември 2023 година, откако се соочи со наводен притисок од Западот.
Вулин беше назначен за вицепремиер на Владата на Србија на почетокот на мај.