Трговците кои се опфатени со Одлуката на Владата за училишен прибор (Службен весник на РСМ бр. 183/24), имаат обврска да ги усогласат цените на производите, информира директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски.
Тој најави дека од утре инспекторите ќе бидат на терен и ќе вршат контроли за да се утврди дали трговците постапиле во согласност со оваа Одлука. Инспекторите ќе постапуваат во рамки на нивните надлежности кои произлегуват од Одлуката, а согласно тоа и според Законот за трговија.
-Напоменувам дека Државниот пазарен инспекторат ќе постапува исклучиво по однос на контрола на цените утврдени со Одлуката, но нема надлежност да постапува, ниту пак да влијае врз формирање на цени во трговијата на големо и трговијата на мало. Како што постапувавме претходно, така и сега, нема да има компромис за никого, законот ќе важи еднакво за сите и сите трговци опфатени со Одлуката имаат обврска да ја почитуваат, посочи Трајковски.
Директорот на ДПИ ги повика граѓаните доколку забележат неправилности да пријават во пазарниот инспекторат на 191 или www.dpi.gov.mk.
Ваквата одлука следи откако за анализираните увозни царински декларации на дел од производите, Владата констатирала дека многу производи биле предмет на монопол или дуопол.
Со намалени цени ќе се продаваат училишниот прибор, гумите, тетратките, моливите, пенкалата, боиците, пластелинот…
Мерката за поевтин школски прибор ќе трае до 20-ти октомври.