Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски вели дека се уште не добил писмо од првиот човек на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, во кое наводно се бара да се избришат одредени делови од Законот за нефер трговски практики со кој се очекува да се стави крај на проблемите со цените што постојано растат во маркетите.
-Јас немам добиено такво писмо, но ако мислите на оние појави кај трговските ланци (хипермаркети и супермаркети) кои што продаваат производи, па за привилигирана местоположба на рафтови наплаќаат одредена цена, се сложувам со вас и тоа треба да престане. Не може едни производи да ги ставаме на крај, а други за кои ако платите, да ги ставаме во центарот и на тој начин да се поткрева самата цена на производот. Такво писмо немам добиено, а откако ќе го добијам можам повеќе да зборувам за неговата содржина, рече премиерот на прес-конференција во Медија-центарот на Владата.
Мицкоски истакнува дека има одлична комуникација со Азески и дека доколку е потребно да се пролонгира прилагодувањето кон Законот за нефер трговски практики, ќе се донесе одлука за да се одложи за некоја недела, за да биде имплементирано како што треба.
-Ако објективно не може да се примени, нема со сила нешто да правиме. Како Влада имаме одлична комуникација со сите комори. Ако нема простор временски за имплементирање, ќе видиме уште колку е потребно за да биде успешно имплементирано, додаде премиерот.
Законот за забрана на нефер трговски практики се донесе во март. Со него се очекуваше намалување на цените на прехранбените производи. Паралелно се состави и листа со над 2.500 производи чии маржи не треба да бидат поголеми од 10 отсто. Претходно од Стопанската комора бараа во овој документ да бидат ставени и производите кои се со ДДВ од пет отсто.