СДСМ го критикува назначувањето на екс-пратеникот Влатко Ѓорчев за нов национален координатор во Владата. Од најголемата опозициска партија велат дека Ѓорчев добил „измислена државна функција“. СДСМ се децидни дека „ВМРО-ДПМНЕ го смести Ѓорчев во фотелја“.
-За измислената државна функција на Ѓорчев граѓаните ќе плаќаат над 105.000 денари месечно или над еден милион денари годишно. Додека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ велат дека нема пари за поголема минимална плата, нема пари за наставниците, за работниците, измислуваат функции за сместување на поранешни функционери и членови на ДПМНЕ, велат од партијата на Венко Филипче.
Според СДСМ, Ѓорчев, како пратеник во 2020 година беше на чело на собраниската Комисија за труд и социјална политика и ги кочел законите за зголемување на платите во образованието, законите за зголемување на пензиите, за зголемување на минималната плата.
-Ѓорчев не ги закажуваше седниците на комисија, ги кочеше дискусиите, ја прекинуваше седницата, бараше „финансиска оправданост“ на потребата за зголемување на платите. А денеска истиот тој Влатко Ѓорчев е награден од Мицкоски и ДПМНЕ со плата којашто е 5 пати поголема од минималната и 3 пати поголема од просечната плата. Ете тоа е ВМРО-ДПМНЕ, наведуваат од „Бихаќка“, додавајќи дека премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ ветуваа намалување на функционерските места, а гледаме зголемување.
Ѓорчев ќе биде нов национален координатор за демографија и млади. Ова било одлучено на една од последните владини седници, кога била донесена одлука да се отворат три нови позиции за национален координатор.
Во 2021 година, Ѓорчев реши да работи во реалниот сектор, отворајќи сопствена фирма. Преку објава на Инстаграм, тој кажа дека неговата фирма ќе биде во областа на маркетингот, советувањето, трговијата и услугите.
Покрај него, нов национален координатор е и Лилјана Затуроска, која е именувана за локална самоуправа. Таа беше пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ во неколку парламентарни состави до 2020 година. Додека претседател на партијата беше Никола Груевски, Затуроска беше и претседателка на Унијата на жени.
И нејзината сопартијка Верче Мицевска е именувана за национален координатор на истата владина седница. Таа работи во Агенцијата за храна и ветеринарство, а ќе ги координира работите поврзани со безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика.