Пожарот во Мариово се гаси со еден ер трактор – останатите два, како и полициските хеликоптери се неисправни

од Nikola Popovski
29 прегледи

Во текот на денешниот ден, досега има 13 пожари на отворен простор, од кои 9 се активни. Најголем и најтежок за гаснење е во прилепско Мариово и околината. Од утрово кон пожарот се упатени 100 припадници на АРМ, 25 припадници на „Тигрите“, 30 вработени во „Национални шуми“, како и два тима на ДЗС со повеќе од 25 лица.

Во гаснењето на овој пожар, носители се локалните прилепски пожарникари, со помош на пожарникари од Битола и соседни општини.

-Околу 10 часот, во гаснењето помогна и еден ер-трактор на ДЗС. За жал, останатите два се неисправни и не се во состојба да летаат. Истото се случува и со полициските хеликоптери. Двата моментално се неисправни. Оптимисти сме дека во текот на утрешниот ден, големиот полициски хеликоптер ќе биде функционален, информира првиот човек на ЦУК, Стојанче Ангелов.

Припадниците на армијата ги чуваат селата кои се во близина на огнот каде што тој е најактивен. Најмногу гори висока трева и нискостеблеста шума. Од утрово во прилепско активен е пожар на потегот Дрен и Смолани.

Според Центарот за управување со кризи во земјава активни се тринаесет пожари. Над викенд населбата во скопско Катланово, пожарот создава густ чад, а теренот е непристапен. Вчера го гаснел еден армиски хеликоптер, а денеска пожарникарите од Скопската бригада.

Слични содржини