Европскиот комесар за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји, говорејќи за важноста на проширувањето на ЕУ, рече дека целта е во следниот месец да се одржи меѓувладина конференција со Србија и ги повикал Белград и Приштина да постигнат напредок во дијалогот што се води со посредство на ЕУ, пренесува РТС.
„Белград и Приштина мора да постигнат напредок во дијалогот предводен од ЕУ за да напредуваат на нивните патишта кон ЕУ. Потребен е конструктивен пристап и мора да се избегнат еднострани дејства што ги зголемуваат тензиите“, рекол Вархеји на меѓупарламентарната конференција за Заедничката надворешна и безбедносна политика (ЗНБП) и Заедничката безбедносна и одбранбена политика (ЗБОП) во Будимпешта.
Тој додал дека ЕУ мора да ги продолжи пристапните преговори со Србија и да го отвори Кластерот 3, кој се однесува на конкурентноста и инклузивниот раст.
„Со Србија и Албанија, можеби и со Северна Македонија, нашата цел е да одржиме меѓувладини конференции во наредните месец дена“, рекол Вархеји.
Осврнувајќи се на резултатите на Европската комисија во врска со политиката на проширување, укажал на неодамна усвоениот План за раст за Западен Балкан, кој ги поставува основите за спроведување на забрзана постепена интеграција со цел партнерите да бидат подобро подготвени за полесен процес на пристапување.
Еврокомесарот нагласил дека вкупната финансиска поддршка на ЕУ за Западен Балкан до 2027 година ќе достигне „споредливо ниво на интензитет на помош“ како во сегашните кохезиони и структурни фондови на ЕУ, што значи 90 отсто од интензитетот на помошта до 2027 година.