Секој деветти смртен случај на новороденчиња во Македонија е поврзан со загадениот воздух, соопшти канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје.
Како што се наведува во соопштението на УНИЦЕФ, „во Северна Македонија смртните случаи кај новороденчињата поврзани со загадениот воздух изнесуваат 11,6 отсто или еден од девет смртни случаи на деца под една година“.
Во Македонија, според УНИЦЕФ, ризиците од загаден воздух се особено високи.
„Во февруари 2024 година, Скопје повторно беше меѓу 10-те најзагадени градови во светот, со просечни нивоа на ПМ10 или ПМ2,5 честички кои ги надминуваат дозволените граници повеќе од 100 дена во годината“, се вели во соопштението.
Според новите податоци, се додава, „покрај тоа што е водечка причина за смрт на доенчиња, загадениот воздух одзема повеќе здрави години живот од кој било друг поединечен фактор на животната средина, како што се високите температури, нечистата вода и лошите санитарни услови“.
„Овие податоци предизвикуваат особено загриженост бидејќи раната и честа изложеност на загаден воздух влијае на развојот на мозокот, белите дробови и органите на бебињата, што има последици по здравјето и учењето во текот на животот“, вели Лесли Милер, претставник на УНИЦЕФ.
Според неа, децата веќе го доживуваат климатскиот хаос со кој ќе се соочуваат цел живот.
„Болестите и смртните случаи предизвикани од аерозагадувањето може да се спречат, но ни требаат климатски политики кои ги земаат предвид и децата. Ова вклучува политики кои ги намалуваат загадувачите и го подобруваат квалитетот на воздухот каде децата учат, живеат и играат“, истакнува Милер.
Во соопштението на УНИЦЕФ, се нагласува дека организацијата апелира до владите и институциите во земјите од регионот, вклучително и Северна Македонија, да посветат поголемо внимание и средства за борбата против загадувањето на воздухот, за поддршка на енергетската ефикасност, пристапот до чиста енергија. и подобрување на квалитетот на воздухот, како и заштита на трудниците и децата од загадениот воздух.
Пред Меѓународниот ден на чист воздух, УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија објави нов документ за политика во кој се истакнува дека во 2021 година, повеќе од 5.480 бебиња во 23 земји и територии низ Европа и Централна Азија починале од причини поврзани со загадувањето на воздухот.
Извештајот наречен „Почетоци без здив: политики за заштита на децата од загадениот воздух во Европа и Централна Азија“ забележува дека во поголемите градови низ Европа и Централна Азија, загадувањето на воздухот редовно ги надминува безбедните нивоа според СЗО, и станува главен еколошки ризик по здравјето на децата од регионот.